Дуетот Кевсер Селимова и Ѓорѓи Желчески се добитници на наградата за животно дело на Прилеп што се доделува по повод 3 Ноември – Денот на ослободувањето на градот.

Оваа награда, според Општинската комисија за одбележување празници, манифестации и доделување награди и признанија, им се доделува поради достигнувањата на овие двајца музички уметници, по потекло од Прилеп, за промоција на македонската музика во светот.

Комисијата денеска ги соопшти и добитниците на плакети и дипломи на институции и поединци кои се истакнале изминатата година за развојот на Прилеп.

Според одлуката на Комисијата, добитници на плакети „3-ти Ноември" се: прилепскиот „Ротари клуб" за придонес во заедницата со изразено хуманитарна активност; здружението „Ромска солза" за посебен придонес кон општествениот интегритет на ромската заедница и другите маргинализирани групи; „Центар за современа ликовна уметност" за шестдецениското уметничко творештво и промоција на Прилеп низ делата на уметниците во земјава и странство; Џудо клубот „Сеишин" за достигнувања во областа на спортот и 15-годишнината од неговото постоење, како и планинарско-спортското здружение „Козјак", кое 80 години придонесува во развојот на планинарството и планинарските спортови.

Годинашни добитници на дипломи „3 Ноември" се: историчарот од прилепскиот музеј Рубин Белчески за неговиот општествен ангажман во областа на историјата; д-р Владо Ѓорѓиески, за посебни достигнувања во медицината; Димитрија Чучуроски за посебен ангажман во занаетчиството и за одржувањето на Саат кулата; Сузана Николоска за достигнувања во областа на образованието и добиената награда за наставник на годината; уметникот Драгомир Михајлоски-Пижа за неговото творештво во областа на ликовната уметност; спортистката Теодора Ристеска за постигнувања во џудо- спортот и освоените 15 медали во текот на последната година; Снежана Паноска, за достигнувања во областа на литературата и пишаниот збор и објавените три збирки поезија; спортистката Валентина Пурдеска за постигнатите резултати во карате спортот во последната година и во спремањето на кадри повеќе години наназад.

На објавениот конкурс за доделување на наградите пристигнале 35 апликации, а сите награди биле доделени едногласно.

На годинешните добитници наградите ќе им бидат врачени на свечената седница на Советот на општина Прилеп, која ќе се одржи в сабота, на 3 ноември, во големата сала на Центарот за култура „Марко Цепенков" кога ќе биде одбележана и 74-годишнината од ослободувањето на Прилеп.

На денот на празникот на градот, ќе биде положено цвеќе и ќе им биде оддадена почит на загинатите борци и заслужните дејци: пред спомениците на Методија Андонов-Ченто, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, на Кузман Јосифоски-Питу, идеолог на НОБ и Народната револуција, на Могилата на непобедените и пред споменикот во месноста Песјобрдце, каде се одвивале завршните борби за ослободувањето на градот во ноември 1944 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/10/2018 21:18