Четирите лица од КПД „Шутка“, кои по пожарот во соба од затворското одделение се пожалиле на отежнато дишење и се хоспитализирани на Универзитетската клиника за токсикологија, се во добра здравствена состојба и вон животна опасност, истакна директорот на таа јавна здравствена установа, Нико Беќаровски.
– Сите четворица се во Одделот за интензивна нега, добри се, свесни се. Тројца се затвореници, а едниот е службено лице кое помагало во гаснење на пожарот. Стабилни и се вон животна опасност. Клинички се работи за лесни случаи, меѓутоа токсиколошките анализи ќе бидат утре во 13 часот од судска медицина ги очекуваме, рече Беќаровски.
Посочи дека четирите лица на Клиниката биле донесени во свесна состојба, а едното од нив било малку поспано.
Во врска со тоа кога ќе бидат пуштени на домашно лекување, тој рече дека тоа многу зависи од утрешниот наод што ќе го добијат од судска медицина, но следните 24 часа сигурно ќе бидат задржани на Клиниката.