Мажот, обвинет за нападот врз синагогата во американскиот град Питсбург, денеска беше пуштен од болница и предаден на властите, за да биде изведен пред суд под обвинение за убиство на 11 лица и ранување шест други.

Роберт Грегори Бауерс, кој беше ранет во престрелка со полицијата, беше пуштен од болницата „Алегејни”, изјави портпаролката на болницата.

Федерални обвинители планираат да побараат смртна казна за 46-годишниот Бауерс, кој според властите, манифестирал омраза за време на нападот, а подоцна и изјавил на полицијата дека „само сака да убива Евреи” и дека „сите тие Евреи треба да умрат”.

Нападот за време на викендот ги зголеми тензиите во САД пред изборите следната недела и се случи еден ден по апсењето на човек од Флорида, обвинет за испраќање бомби до критичарите на американскиот претседател Доналд Трамп.

масакрот во Питсбург е најсмртоносен напад врз евреи во историјата на САД.

Кампања наречена „Муслиманите се обединуваат за синагогата во Питсбург”, собра над 90.000 долари за преживеаните и семејствата на жртвите, а кампањата предводена од студент во Вашингтон, собра речиси 545.000 долари.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/10/2018 01:58