Се поизвесно е отворањето на граничниот премин „Клепало“ што Берово ќе го поврзе со жителите од соседна Република Бугарија. При неодамнешната посета на општина Струмјани, градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски, имаше можност со неговиот колега Емил Илиев да извршат увид во градежните работи што се повеќе напредуваат, со што се поблиску е остварувањето на неколкудеценискиот сон на жителите од двете страни на границата. – Имав можност да ја посетам новоизградената делница од 24 километри од бугарска страна кон преминот. Изведбата е во тек и остануваат да се доуредат уште 7,1 километар. Ова досега се најконкретни чекори од нашиот сосед, а не се сомневаме дека планираното ќе се реализира зашто и при подготовките за потпишување на договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија на Клепало му беше посветено големо внимание, па веќе сме сведоци дека се работи и на терен од бугарска страна, информира Пекевски. Пекевски информира дека во 2019 од страна на Општина Берово предвидено е санирање на зградата и асфалтниот пат што целосно е изграден до самиот премин. За реализација на овие активности најавена е и поддршка од Владата на РМ. Преминот Клепало е од огромно значење за Берово, бидејки со негово отворање се поврзува директно со општината Струмјани, од другата страна на границата со која општина е збратимена. Со отворање на преминот се очекува многу побрз проток на луѓе и стоки, а преку новиот премин растојанието од Берово до автопатот Софија – Кулата што води кон Грција и кон бугарската престолнина ќе биде само четириесетина километри.