Електротехничкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип и Соларната асоцијација на Македонија потпишаа договор за соработка, со кој студентите ќе можат да учествуваат во проектирање и изработка на соларни панели. Проектот е поддржан од УСАИД, насловен „Подобрување на вештините, производството и вработувањата во македонските микро, мали и средни претпријатија кои работат со соларна енергија и опрема“. Деканката на Електротехничкиот факултет, Татјана Атанасова-Пачемска вели дека со овој договор студентите ќе можат преку практична настава да прават соларни панели.

–Ова се дел од напорите на Универзитетот за поголема вклученост на практичната настава во едукацијата, но и следење на современите трендови во техниката. Тоа е една од главните компоненти која нам како институција ни е потребна. Освен што се грижиме да имаме едуциран кадар, се грижиме и за неговата практична наобразба, но и за идното вработување. Процесот и користењето на обновливите извори на енергија е сектор кој во иднина треба многу да се развива во нашата држава, вели Атанасова-Пачемска.

Илија Насов, претседател на Соларната асоцијација на Македонија вели дека договорот е логична последица на неопходноста на здружување на науката, производството, проектантите.

– Сончев систем не може да биде успешен ако не биде квалитетно проектиран, направен и монтиран. Студентите ќе бидат тие кои во иднина ќе бидат носители на овие активности, зашто во моментов еден од најголемите проблеми во соларната енергија се несертифицираните и недоволно обучени инсталатери, вели Насов.

Производството на соларни панели и нивната примена е сѐ поизразен тренд во државата, па и надвор од неа. Оттука, создавањето високостручен кадар од оваа област е повеќе од потребно и токму овде најмногу ќе се почувствува бенефитот од соработката на Електротехничкиот факултет со Соларната асоцијација. На овој начин, студентите ќе добијат практични знаења и вештини, а пазарот на трудот обучен кадар подготвен да се вклучи во работниот процес.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/10/2018 16:51