Министерството за култура денеска потпиша договор за продолжување на полноправното членство на Република Македонија во Европската мрежа за литература и книги „Традуки“ во наредните две години 2019-2020. Договорот го потпиша министерот за култура Асаф Адеми со членови на Управниот одбор и на Програмската комисија на „Традуки“, кои во Скопје имаат тридневна работна средба.
Македонија е полноправна членка на „Традуки“ од ноември 2017 година. Во изминатите десет години, откога постои мрежата, како што соопшти Адеми, преведени се 145 книги од автори од германофонските земји на јазиците во Македонија.
-Се заблагодарувам за добрата соработка што ја имаме низ годините, задоволство ми е што сме домаќини на средбата на Управниот одбор и сме подготвени да дејствуваме во развојот на политики на иста културна вредност што ја имаме како Европејци. Исто така, сигурен сум дека оваа добра соработка ќе продолжи и во иднина преку преводи на германската современа литература. Тоа ќе придонесе за добивање различни грантови за преведувачите и за другите културни работници. Со ова покажуваме дека литературната и издавачката дејност е еден од врвните приоритети на културните политики на нашето Министерство, изјави Адеми. Покрај Македонија, во „Традуки“ членуваат Австрија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Германија, Косово, Лихтенштајн, Романија, Словенија, Србија, Хрватска, Црна Гора и Швајцарија.