Неорганизираност, некоординираност, недостаток на стручен кадар и финансиски средства се главните недостатоци на јавните комунални претпријатија (ЈКП) во земјава. Ваква оценка даде претседателот на Здружението на даватели на комунални услуги на Република Македонија – АДКОМ, Зоран Георгиев на тркалезната маса на тема „Поттикнување на дијалог во секторот водоснабдување и отпадни води во Република Македонија преку евидентирање на клучните предизвици со кои се соочуваат засегнатите страни и препораки за нивно надминување“.
– Клучен проблем е недостатокот на финансиски средства за обновување на мрежите и за набавка на опрема за следење на загубите на вода. Неопходна е регулирана цена на водата која ќе овозможи тековно одржување и инвестиции во наредниот период за да се одржат постојните водоводни системи и да се градат нови. Затоа дебатираме со цел да се искорординираме со Владата и општините за да можат да се вложат што поголеми инвестиции во обновување на водоводната мрежа и за набавка на опрема која ќе овозможи пронаоѓање и решавање на проблемите со загуба на вода. Целта ни е да имаме квалитетна вода за пиење и да ги намалиме загубите – рече Георгиев.
Тој потенцира дека ЈКП се соочуваат со недостаток на стручен кадар, бидејќи голем дел од нив ја напуштија земјава. Георгиев ги отфрли обвинувањата дека државните претпријатија служат за прибирање на партиски кадар.
– АДКОМ презема дел од активностите за подобрување на капацитетите на јавните претпријатија. Во рамките на АДКОМ функционира тренинг центар во стручните кадри од ЈКП да добиваат одредени обуки, без разлика дали се однесуваат во финансискиот менаџмент или правниот сектор, но најчесто во техничко-технолошкиот процес. Се обидуваме тренинг центарот да го подигнеме на повисоко ниво да има постојана обука на кадрите, а да бараме стручни кадри и од земјава и искуства од странски земји – рече Георгиев и смета дека во иднина е потребно да се направат водоводни претпријатија што ќе се занимаваат исклучиво во делот на водоснабдувањето, одведувањето и прочистувањето на отпадните води.
Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов ги потенцираше загубите на вода низ водоснабдителниот систем на градот што ги откри израелската компанија која беше ангажирана на направи сателитско скенирање на водоводниот систем.
– Евидентирани се 237 пунктови каде има истекување на водата. Сателитското дигитализирање ќе ни овозможи да се изврши интервенцијата на тие пунктови со цел што помалку да се прекопува градот. Ефективните загуби се 37 проценти, останатите се водат на ставка загуби поради наводнување на јавните зелени површини или за миење на улици. Во изминатиот период се работеше и на надминување на проблемот со дивото приклучување на водоводната мрежа – нагласи Шилегов.
Тој потенцира дека квалитетна вода за пиење до сите граѓани е императив на локалните самоуправи.
– Работиме на тоа за да кажеме со гордост дека сите делови во Македонија ќе бидат покриени со квалитетна вода за пиење до крајот на нашите мандати. Срамота е во 21 век да говориме за недостатоци на вода и канализација – рече Шилегов и очекува централните институции да ги платат долговите кон Градот и комуналните претпријатија кои во овој момент изнесуваат 14 милиони евра.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетка Марко Бислимовски рече деказа да се добие квалитетна услуга неопходно е да се формираат цени кои ќе ги одразат оправданите и реалните трошоци на претпријатијата со цел да се обезбеди квалитетно и одржливо користење на водната инфраструктура.
– Важно да се заме во предвид дека водните услуги треба да се финансиски достапни до населението и да не бидат повисоки од три проценти од вкупните приходи по домаќинство – рече Бислимовски кој нагласи дека во досега утврдените тарифи од РКЕ во најголем дел од општините, просечната цена по домаќинство за водни услуги е далеку под три отсто од вкупниот приход по домаќинство.
– Заврши првата фаза од утврдувањето на тарифите за водни услуги за регулираниот период од 2019 до 2021 година за поголемите општини, а до крајот на годинава очекувам да заврши и втората фаза за општините под 10.000 жители и советите да усвојат цена во понудениот опсег меѓу минималната и максималната понудена цена за услугата за сите јавни претпријатија – рече Бислимовски.