Денеска градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски заедно со заменик министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески и претставници од Источен Плански регион присуствуваа на поставувањето на камен-темелникот на новата детска градинка во населба Сењак 4. Се работи за капитален проекто којшто после 30 години ќе го добијат граѓаните на општина Штип. Изградбата на оваа детска градинка со површина од 1498 м2 ќе чини 31.871.710 денари од кои 16.000.000 денари се обезбедени од ИПР, останатите од Општина Штип.

„Денеска во населбата Сењак беше поставен камен-темелник на новата детска градника. Мене ми е особено драго и често што имам можност во првата година од мојот мандат да започнам еден ваков голем проект од 50 милиони денари, којшто е многу значаен за општина Штип и за најмладите заради тоа што во овој момент имаме големи потреби за нови детски градинки и капацитети за сместување на дечињата“, изјави Бочварски.

Овој капитален проект кој ќе овозможи грижа за 200 дечиња е значаен за жителите на населба Сењак но и на останатите населби во општина Штип.

„Преку соработка на централната и локалната власт, се решава едно многу значајно прашање за 200 млади семејства.Владата на Република Македонија посветено работи на решавање на суштинските потреби на граѓаните. Со средства од Програмата за рамномерен регионален развој оваа година во Источниот плански регион се реализираат 10 нови инфраструктурни проекти или техничка документација во вредност од 35,5 милиони денари, од буџетот на државата. Тенденција е овие средства да се зголемуваат,“ додаде заменик министерот Павлески.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/10/2018 21:08