Прилепските советници донесоа одлука за формирање на ново јавно претпријатие за енергетски дејности, чија приоритетна задача ќе биде да ги подготви и да ги спроведе сите неопходни активности за претстојната гасификација на Прилеп.
Ова беше една од одлуките на прилепскиот совет на денешната седница со близу 70 точки на дневниот ред.
Според прилепскиот совет, јавното претпријатие „Енерго Прилеп", ќе има задача да го подготви теренот за имплементација на гасоводот на територијата на општината. Постапката за формирање на јавното претпријатие е подолга, нагласи претседателот на советот Миле Талески.
– Во наредниот период ќе имаме обврска да го подготвиме Статутот, да ја утврдиме неговата точна дејност, да се изберат органите на управување кои ќе раководат со јавното претпријатие, со цел подготвени да ја пречекаме гасификацијата, изјави Талевски.
На денешната седница, советниците донесоа одлука од буџетот да се одовјат, со пренамена, 6 милиони денари за обештетување на земјоделците чии земјоделски површини претрпеа штети од невремето во јули годинава.
Советниците донесоа одлука и за финансиска помош на ракометниот клуб „Прилеп" со 1,2 милиона денари.
Прилепските советници ги изгласаа и тримесечните извештаи за финансиското работење на јавните комунални претпријатија „Комуналец" и „Пазари", на Домот за стари лица „Киро Крстески-Платник" и на Јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање. приелпските оветници ги изгласаа и одлуките за формирање паралелки со помал број ученици, а беа дадени согласности за програмите за изведување на научно-наставни екскурзии во прилепските основни училишта.
На барање на граѓаните, на денешната седница членовите на прилепскиот совет легализираа дваесетина бесправно изградени објекти.
Денешнта седница на прилепскиот совет беше прекината, зашто советниците побараа повеќе информации за трите точки кои се однесуваа на работењето на ЈКП „Водовод и канализација". Се очекува седницата да продолжи деновиве.