Центарот за едукација на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) во изминативе три дена во „Куќата на фудбалот“ и на терените на тренинг – центарот „Петар Милошевски“ го одржа првиот дел од курсот за добивање на Национална фитнес лиценца за работа во фудбалски клубови.
Вкупно 15 тренери се дел од курсот, кој ќе се одвива во три фази, односно два семинара и стажирање во фудбалски клуб.
Свои презентации на овој семинар имаа проф. д-р Ванчо Поп Петровски, проф. д-р Вујица Живковиќ, потоа Иван Јовановски Карас, фитнес тренер во А репрезентација на Македонија, како и Лоик Борие, УЕФА експерт за фитнес и кондициска подготвка за млади категории и Оливие Доља, УЕФА менаџер за развој на младински фудбал.
– Имавме огрома чест и задоволство да бидеме дел од првиот семинар за фитнес тренери кој го организира ФФМ преку својот Центар за едукација и во рамки на програмата го презентиравме „ВАМЕВАЛ“ тестот, теоретски и практично, тоа е тест за аеробен капацитет кај младите категории кој дава информации за состојбата на фудбалерите и показатели во која насока да се одвива тренингот за физичка подготовка. Тренерите кандидати покажаа голема мотивираност и посветеност, а ние како УЕФА секогаш сме подготвени тоа да го препознаеме и поддржиме. Како и што рековме за време на презентациите, тренерите ќе добиваат многу информации за фитнес и кондициска подготвка, но нивна обврска е преку работа и искуство да ги запознаат деталите, изјавија Борие и Доља. Михаило Шејкероски, кој е кандидат за национална фитнес лиценца вели дека речиси петнаесет години е активен како фитнес/кондицски тренер во фудбалски клубови од кои најмногу во странство, има посетено многу семинари и работилници на оваа тема и акумулирано големо искуство во практичната работа, но кога ја видел објавата за упис на ФФМ, не се двоумел воопшто дали да дојде.
– Одличен семинар и почеток на едукацијата во овој дел од фудбалот за кој мислам дека во Македонија има многу простор за подобрување, се надевам дека клубовите во Македонија сериозно ќе ја сфатат потребата од фитнес/кондициски тренер, а се со цел подобрување на перформансите на играчите и преку тоа на целиот тим/клуб, изјави Шејкероски.