Деветкратниот победник на Светскиот рели шампионат и актуелен победник од релито Каталонија, Себастијан Лоеб објави дека ќе учествува на релито Дакар 2019 година како независен пилот, поддржан од Ред Бул.
Лоеб има три настапи во натпреварувањето досега, а неговиот најдобар пласман е во 2017 година, кога го освои второто место со екипата на „Пежо Тотал“.
Во 2018 година Лоеб и навигаторот Даниел Елена го завршија учеството во релито Дакар во петтата фаза по несреќа и сериозната повреда на Елена.
Сепак, ѕвездата на мотоспортот ќе се обиде да ја освои титулата во Дакар уште еднаш, повторно со Даниел Елена крај себе, а возилото со кое ќе учествуваат, е „Пежо 3008ДКР“, слично на она од 2017. Автомобилот ќе биде сервисиран од францускиот тим „ПХ Спорт“.
Стремежот на Лоеб е да стане вториот независен пилот, кој го освоил релито Дакар, по Жан-Луј Шлесер во 2000 година
Четириесет и првото рели Дакар ќе се одржи целосно на територијата на Перу, а предизвик за пилотите во 2019 година ќе бидат повеќе од 5.000 километри и 10 етапи. Стартот на релито ќе биде во Лима на 6 јануари.
– Ми се допаѓаат дините, но клучот е да не потонеш. Ќе работам на ова не само јас, туку и Даниел за време на тестовите, бидејќи навигацијата во песочните дини е поспецијална. Ја донесов одлуката да учествувам на релито Дакар во последен момент, но сепак сум жеден за победа. Веројатно нашата обука нема да биде добра како на останатите, но не заборавив ништо од она што го научив во текот на изминатите три години. Тоа е една авантура што немам трпение да ја доживеам повторно, изјави Лоеб по повод одлуката да се врати во Дакар во 2019 година.