Ландо Норис верува дека и совршена сезона од негова страна немала да биде доволна за да се победи Макс Верстапен во трката за светската титула во Формула 1 во 2024 година.

Холанѓанецот ја обезбеди својата четврта последователна круна со своето петто место на трката за Големата награда на Лас Вегас што се одржа претходно денеска. Пред почетокот на трката, пилотот на Ред Бул имаше 62 поени предност пред Норис, кој требаше да освои најмалку три поени повеќе за да ја продолжи битката барем на ГН на Катар следната недела. Сепак, бидејќи Британецот заврши шести, и официјално заврши битката меѓу него и Верстапен на две кола до крајот на сезоната.

И покрај тоа што го загуби дуелот, Норис по финалето во Вегас изјави дека е горд на напредокот што Мекларен го постигна во текот на сезоната 2024. Британскиот тим ја започна годината со четвртиот најбрз болид, но постепено го претвори во редовен претендент за победи.

-Горд сум на целиот тим што останавме во борба толку долго, што почнавме да стигнуваме и што постигнавме толку многу. На почетокот на годината бевме четврти. Во ниту еден момент од сезоната Ред Бул не заостана толку далеку. Едноставно нашиот дефицит од стартот на сезоната беше преголем и не можевме да го избришеме бидејќи беа премногу добри. Следната година ќе ја започнеме сезоната со болид кој се надеваме дека ќе ни овозможи да ја предизвикаме титулата уште од првото коло, а тоа не можевме да го направиме во последните шест години, па возбуден сум. Но, јас сум горд на она што го постигнав. Мојата прва победа во Ф1, првите три победи, никој друг не се бореше со него, само јас и Мекларен, изјави Норис по трката.

Вицешампионската титула се уште не е загарантирана за Британецот, кој има 21 поен предност пред Шарл Леклер во пресрет на последните две трки од сезоната. Може да го обезбеди во Катар следната недела, а тоа ќе се случи доколку замине од „Лусаил“ со предност од повеќе од 26 поени.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/11/2024 02:55