Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица од деветмината кои се гонат за вооружената престрелка во Куманово, во која животот го загуби едно лице.

-Двајцата осомничени се гонат за сторено кривично дело – убиство. Јавниот обвинител ценеше дека за обезбедување на присуство на двајцата осомничени, како и заради натамошно обезбедување на непречен тек на постапката има потреба од определување на мерка притвор. Затоа до судија на претходна постапка во Основниот суд Куманово достави предлог, што потоа со решение на судот е прифатен и на двајцата осомничени им е определен притвор во времетраење од 30 дена, соопшти Јавното обвинителство. Останатите седум осомничени јавниот обвинител ги гони за сторено кривично дело – насилство.

Престрелката што се случи на 31 октомври 2018 година на улицата „Тоде Мендол“ во Куманово, како што веќе информираа од Обвинителството, беше последица на нарушени меѓучовечки односи меѓу две семејства. По употреба на огнено и ладно оружје, едно лице го загуби животот, а друго се здоби со убодни рани од нож. Во престрелката учествуваа девет лица, но се преземаат дејствија за утврдување на евентуално учество и на други, засега непознати лица.

Истражната постапка продолжува со прибирање на материјални и вербални докази за целосно расчистување на кривично правниот настан.​



Автор: Администратор
Објавено на: 02/11/2018 09:57