Наредба за обдукција на телото на 17-годишното девојче кое беше пронајдена синоќа во водите на Вардар издаде дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар.

Како што соопштува денеска Јавното обвинителство на Република Македонија, според првичните информации, девојчето враќајќи се од училиште, поминувало низ градскиот парк во Гостивар, каде било нападнато од куче. Бегајќи од кучето, таа паднала во надојдените води на реката. Случајни минувачи се обиделе да и помогнат, но не успеале.

Безживотното тело беше пронајдено доцна синоќа околу шест километри низводно по течението на Вардар, во близина на селото Балин Дол. Идентификацијата на телото ја извршија членови на семејството на сега починатата. Јавниот обвинител изврши увид и на местото на кое девојката паднала во реката и на местото каде што беше пронајдено нејзиното тело. Беше земен исказ од сведоци со цел да се утврдат точните факти за настанот.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/11/2018 10:45