Министерот за култура Асаф Адеми синоќа во Кинотеката на Македонија се обрати на свеченоста по повод почетокот на манифестацијата „Недела на современ дански филм“, во чии рамки ќе биде прикажан избор од современата данска кинематографија.

На отворањето на манифестацијата присуствуваа и постарата советничка во Амбасадата на Кралството Данска во Белград надлежна и за Република Македонија, Мариане Топач, и почесниот конзул на Кралството Данска во нашава земја, Живко Мукаетов.

Од Министерството за култура соопштија дека Адеми, кој дел од својот професионален ангажман поминал како амбасадор на Република Македонија во Кралството Данска, во своето обраќање истакнал дека односите на Република Македонија со европските земји, вклучувајќи го и Кралството Данска, се развиваат во духот на пријателството, меѓусебното разбирање и доверба. Затоа, како што се посочува, од особено значење е да се запознае дел од данската култура, која е уникатна, а да се види придонесот што го дава данското филмско творештво за светската кинематографија, е нешто навистина значајно.

– Следуваат возбудливи филмски денови со избор од шест долгометражни филмови за кои верувам дека ќе ги задоволат вкусовите на македонските филмофили. Истовремено, оваа манифестација ќе овозможи публиката да го збогати своето познавање за едно, за нас, не толку многу блиско општество, да ги задоволи своите интереси и љубопитност, поблиску да се запознае со данската култура и традиција, со данскиот начин на живот и да извлече позитивни искуства кои ќе можат да ги применат овде, во Република Македонија, истакнал Адеми.

Тој изразил уверување дека манифестацијата ќе наиде на голем интерес кај македонската публика и дека во иднина ќе се реализираат уште многу проекти кои ќе придонесат за зближување на културите на двете земји.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/11/2018 11:58