На возач на трактор од кочанското село Двориште му е определена мерка притвор во траење од 30 дена постоење основано сомневање дека сторил кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од чл.300 ст.2 во врска со чл.297 ст.1 од Кривичниот законик. Основното јавно обвинителство Кочани донесе наредба за спроведување истражна постапка.

Од Јавното обвинителство на Република Македонија соопштија дека ссомничениот како учесник во сообраќајот на јавен пат, во својство на возач, не се придржувал кон прописите со што го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот и телото на луѓето. Имено, спротивно на чл.228 ст.1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, иако знаел дека му претстои управување со возило, се довел во состојба под дејство на алкохол, со присуство на алкохол во крвта од најмалку 0,75 грам промили. Потоа, во таква сосотојба, управувајќи со моторно возило – трактор „Ландини 7830″ без регистарски ознаки во правец од с. Двориште до излез кон Република Бугарија, излегол од десната страна на коловозот, при што тракторот се превртел во удолнина во должина околу 10 метри. Дополнително, спротивно на чл.186 ст.1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, иако на тракторот немал фабрички посебно вградено седиште, во кабината превезувал уште едно лице. По превртувањето на тракторот, сопатникот се здобил со тешки телесни повреди на главата во вид на скршеници на черепот и како последица на повредите починал. Ценејќи дека се исполнети законските основи, односно дека постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, како и основан страв дека осомничениот ќе ја попречува кривичната постапка и ќе влијае врз сведоците, надлежен јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Кочани достави Предлог за определување мерка притвор.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/11/2018 13:04