На малата сцена во НУЦК „Антон Панов“, утревечер струмичкиот театар премиерно ќе ја одигра претставата „Забрането смеење“ од хрватскиот писател, Миро Гавран.

Режијата на овој мошне игран текст е на Игор Ивковиќ, а трите улоги ги толкуваат актерите Стојан Велков-Трн во улогата на Борис, Јасмина Вучкова во улогата на Миа и Анкица Бенинова како Нина.

Режисерот Ивковиќ информираше дека претставата „Забрането смеење“ во Струмица се игра по неодамнешната премиера во Виена. Според него тоа е претстава која раскажува навидум едноставна семејна приказна за 43 годишниот Борис, кој има богата сопруга и со неа е во брак 20 години. Во последните 5 години тој ја има и помладата љубовница Нина. Кога швалерката ќе реши да ја раскине врската со него, почнуваат проблемите.

– Во претставата имаме исклучителни актерски креации, кои ќе ја пленат публиката од изведба во изведба. Претстава која се темели на формата на „ситком“, нешто што е лесно за гледање, но тешко е за играње и правење, затоа што мора да се внимава на темпото, динамиката на комичните ситуации. Оваа претстава на Миро Гавран во 2004 година е една од најнаградуваните и најиграните текстови на овој автор во цел свет, рече режисерот Игор Ивковиќ на денешната прес конференција пред утрешната премиера.

Актерите сметат дека нивната енергија и таа на режисерот се споиле и тоа е рецептот за добар театарски продукт.

– Тоа треба да се види и на публиката само да и кажам да дојде и во еден здив да ја погледне претставата, заради тоа што ние многу даваме, а таа треба да не земе нас, рече актерката Анкица Бенинова.

Преводот и адаптацијата е на Горјан Милошевски, дизајнот на сцената и костимите се на Маре Трајковска и Ванчо Василев, сценските движења и танци се дело на Валентино Апостоловски, а во претставата има изложено и дела од колекцијата на Струмичката ликовна колонија од уметниците Марјан Ѕин, Ване Костуранов, Љупка Галазка-Василев и Никола Пијанманов.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/11/2018 13:24