Лидерот на Ферари, Себастијан Фетел сака да му го предаде своето искуство на својот нов тимски колега за 2019 година, Шарл Леклер. Toj дебитираше оваа година во Формула 1 за тимот на Заубер, кој е клиент на погонските единици на „Скудерија“, а од почетокот на предсезонските тестови ќе го замени Кими Раиконен.
Фетел верува дека и двајцата мора да работат како партнери на патеката и да го развијат новиот автомобил со тимот, ако сакаат да направат нешто во следниот шампионат.
Себастијан очекува младиот Шарл (21) да стори сé за да го порази и да го импресионира целиот свет, но призна дека истото важи и за самиот него.
– Ќе биде многу различно, тоа е сигурно. Шарл не е Кими и Кими не е Шарл. Тој е младо момче и го очекуваат многу тешкотии во Ферари. Барањата, очекувањата и тензиите тука се највисоки во Формула 1 и ќе мора брзо да се прилагодува од она што го правел во Заубер. Тој нема искуство, но тоа не е кривично дело, бидејќи на неговата возраст нема како да е поинаку. Јас бев исто како него кога дебитирав во Формула 1, и дури бев помлад. Знам како луѓето се сомневаа дали сте доволно зрели за да ја носите оваа голема одговорност сами, доколку екипата зависи од вашите активности. Ќе му пренесам искуството и ако двајцата работиме како тим на патеката и заедно со инженерите на развојот на новиот болид, можеме да очекуваме силно претставување во 2019 година, прокоментира Фетел.
Тој додаде дека е нормално тоа Леклер да си поставил за цел да го победи следната година.
– Го разбирам целосно, бидејќи на тој начин ќе го импресионира целиот свет и ќе се утврди. Од друга страна, за сите е јасно дека и јас ќе се стремам да го победам, едноставно тоа е првата задача на сите тимски колеги во мотоспортот, заврши четирикратниот светски шампион.