Германскиот европратеник и актуелен шеф на пратеничката група на Европската Народна Партија (ЕПП), Манфред Вебер, е избран за кандидат на ЕПП за претседател на Европската Комисија со 79,2 отсто гласови.

Неговиот противник, Финецот, Александар Стуб освоил 127 гласови. Победата на Вебер беше очекувана во европските кругови. Германецот важи за близок на германската канцеларка Ангела Меркел.

Европските партии бираат „шпиценкандидати“, односно главен кандидат пред изборите за Европскиот Парламент. Теоретски, кандидатот на партијата што ќе победи на мајските избори за Европскиот Парлмент треба да биде назначен за претседател на Европската Комисија.

Оваа пракса беше воспоставена на последните европски избори во 2014, кога Жан-Клод Јункер беше кандидатот на ЕПП, и потоа беше назначен за претседател на ЕК.

Меѓутоа, останува нејасно дали оваа пракса ќе се почитува и на овие избори. Повеќе европски челници, меѓу кои и францускиот претседател Емануел Макрон, не го поддржуваат системот и сметаат дека претседателот на ЕК треба да биде резултат на постизборни преговори помеѓу политичките групи.

Партијата на Макрон не е дел од ниту едно европско политичко семејство иако Европски Либералдемократи (АЛДЕ) би сакале тој да им се придружи. Конгресот на АЛДЕ ќе се одржи за неколку дена. Социјалдемократите пак својот кандидат ќе го бираат во декември во Лисабон.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/11/2018 13:20