Српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ по денешната седница на Бирото за координација на безбедносните служби изјави дека акцентот бил ставен на безбедносната состојба во Косово и е дадена задача да се спречи „сценарио” тамошните настани да доведат до нов егзодус од тоа подрачје.
Стефановиќ, гостувајќи на ТВ Прва, особено укажа на опасноста од најавите за формирање на косовска војска и истакна дека е „апсолутно невозможно” еден полк на Косовската војска да се распореди на северот на Косово, како што најавуваат од Приштина.
– Наша задача е првично да спречиме Србите да имаат безбедносен проблем, да бидат загрозени на каков било начин, истакна Стефановиќ, додавајќи дека е неопходно да им се укаже на меѓународните партнери да го преземаат својот дел од одговорноста.
Тој, исто така, рече дека српските безбедносни служби добиле одредени задачи, не сакајќи да открие од каков вид, јави дописникот на МИА од Белград.
Според соопштението од српската Влада на седницата на Бирото за координација на безбедносните служби разгледани се и околностите поврзани со претстојното Генерално собрание на Интерпол и барањето на „Косово” за членство во оваа меѓународна организација.
– Србија ќе продолжи да презентира правни, полициски и политички аргументи, кои покажуваат дека „Косово“ не треба да биде членка на Интерпол, но исто така и да укаже колку овој преседан би бил безбедносно опсен, бидејќи, меѓу другото, базата на податоци на оваа полициска организација би можела да биде злоупотребена, нагласи српскиот министер.