Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино очекува Мундијалот 2022 во Катар да биде најдобар во историјата на фудбалот, раскажа Швајцарецот во интервју за „Беин Спортс“.

– Тоа ќе биде многу возбудливо Светско првенство, едноставно неверојатно и фантастично. Ние сме ФИФА, луѓето кои управуваат со светскиот фудбал, и го сакаме најдоброто за оваа игра. Што значи дека секое следно Светско првенство треба да биде подобро од претходното. И бидејќи знаете како беше во Русија, тогаш ова не тера да го направиме Светското во Катар едноставно незаборавно, изјави Инфантино.

Турнирот ќе започне по четири календарски години – на 21 ноември 2022 година, откако ќе биде префрлено од традиционалните месеци за спроведување јуни и јули во зимските месеци, за да бидат избегнати високите температури во регионот во текот на летото.

– Климата ќе биде одличен предуслов за игра. Во тоа време во Доха е меѓу 15 и 25 степени Целзиусови, идеални услови за спроведување на натпреварите, додава уште шефот на светскиот фудбал.

Брзата изградба на стадиони, тренерски бази и инфраструктура доведе до серија информации во медиумите во врска со кршењето на човековите права на работниците, кои доаѓаат од сиромашни земји, главно од Источна Азија.

Но, претседателот на ФИФА истакна дека проблемот всушност станал познат и се дискутира благодарение на Светското првенство, кое Катар го добива.

– Ова Светско првенство ќе остави огромно наследство. Од гледна точка на социјалниот развој, ќе има многу важна улога врз развојот на регионот во целина. Дали мислите дека ако немаше Светско првенство во Катар тука ќе се коментираа проблемите со човековите права, со правата на работниците и условите за работа? Значи без СП 2022 никој немаше да пишува толку многу за овие проблеми, дополни поранешниот шеф на УЕФА.

Тоа е и првото Светско првенство, по кое 170 илјади седишта ќе бидат демонтирани од стадионите во Катар и ќе бидат испратени до земјите кои имаат потреба од нив, во сиромашните региони на Африка и Азија.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/11/2018 09:38