Правна сигурност, заштита од корупција, поволен систем за оданочување, но и предвидливост барем во следните десет години бараат јапонските компании кога се одлучуваат да инвестираат во некоја земја. Шестте земји од Западен Балкан, Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Црна Гора ги перцепираат како целина, а не секоја земја поединечно, бидејќи тоа би бил премал чекор за нив, а изминатиот период особено по лансирањето на иницијативата на јапонскиот премиер Шинѕо Абе во јануари за соработка меѓу регионот и Јапонија се зголемува нивниот интерес за инвестирање на оваа територија, која ја сметаат за мошне важна геостратешка локација, што ги поврзува Европа, Африка и Азија. Сепак, иако шестте земји, како што велат ги гледаат како целина, досега најмногу инвестиции има во Србија – 300 милиони долари, а во Македонија ниту една.
Со цел да се тргне напред и да се отвори патот за влез на јапонски компании во регионот денеска во Токио се одржа првиот Бизнис семинар за земјите од Западен Балкан. Како што јави известувачот на МИА од главниот јапонски град, над 140 јапонски бизнисмени присуствуваа на настанот на кој преставници на стопанските комори од шесте држави ги презентираа предностите за инвестирање кои ги нудат.
Семинарот беше во организација на јапонското Министерство за надворешни работи, Јапонската организација за надворешна трговија (ЏЕТРО) и Форумот за инвестиции на шестте стопански комори на Западен Балкан.
Реформските процеси кои ги спроведуваат државите од регионот на нивниот пат кон Европската унија, јапонските бизнисмени ги гледаат како предност за пласирање на нивните бизнис на пазарот на Западен Балкан. ЕУ ја сметаат како гарант за стабилноста во овие земји, но сепак, признаваат и таму работите не се сосема предвидливи со оглед на случувањата околу Брегзит.
Како земја со стратешка локација, крстосница меѓу Европа, Африка и Азија, позната по природните убавини и богаства, националните паркови, еколошки регион со природна и здрава храна, лулка на културата и цивилизацијата, ја претстави Македонија претседателот на Клубот на извозници при Стопанската комора на Македонија и извршен директор на „Макпрогрес“, Глигор Цветанов денеска во Токио на првиот Бизнис семинар за земјите од Западен Балкан.
-Во Македонија да инвестирате поради тоа што сме крстосница која отвора пристап до голем пазар, имаме спогодба за слободна трговија со ЕУ од 2001 година, имаме договор со ЦЕФТА и ЕФТА. Неодамна ја потпишавме Пан-Евро-Мед конвенцијата. Македонија е членка на СТО од 2002 година. Имаме развиена инфраструктура и железница, а малата територија на земјата овозможува пристап до секое место во земјата за помалку од три часа. БДП има стабилен раст, инфлацијата е мала, помала од два отсто изминатите десет години, а фискалната дисциплина е потврдена од повеќе меѓународни институции. Владата е посветена на економскиот раст и развој. Има нов план за економски раст со фокус да ги охрабри директните инвестиции, нагласи Цветанов.
Како и неговите колеги, одговарајќи на прашања на јапонските бизнисмени кога очекуваат нивните земји да станат членки на ЕУ, Цветанов оптимист дека откако е решен спорот за името со Грција, почнат процесот на уставни измени, Македонија ќе биде членка во 2025 година. Нагласи дека за земјата нема друга алтернатива, со оглед на тоа што 90 отсто од нејзината трговија е со ЕУ.
Сатоши Абе, генерален директор на канцеларијата на ЏЕТРО во Виена во обраќањето пред учесниците нагласи дека тука нема да говори за политика, но сепак веднаш потоа ја спомена Македонија и кажа дека земјата успеала да постигне договор со Грција за името, а потоа следел референдумот, кој бил будно следен од заинтересираните јапонски бизнис кругови.
-Ќе продолжиме будно да го следиме развојот на настаните во Македонија, додаде Абе.
Посочи дека станува збор за регион со пазар од 18 милиони популација, со мошне комплексна географска положба, на кој се говорат различни јазици, има различни култури, но сепак сите живеат заедно, како соседи.
-Сите економии во Западен Балкан бележат раст, а директните инвестици се зголемени во сите земји и покрај кризата од минатото, додаде Абе.
Економската слобода во регионот ја оцени како висока и напомена дека таму веќе инвестираат Русија и Турција, во последно време и Кина, а како мошне агресивни ги спомена Италија и Германија. Апелираше до јапонските компании да пројават интерес за регионот.
Детално ги презентираше параметрите на шестте земји, при што напомена дека сите земји се на патот да станат членки на ЕУ, сите закрепнале од кризата и се влезени во фаза на стабилен економски раст, а повеќето од нив ќе имаат раст од повеќе од три осто следните години.
Јапонија во Македонија извезува возила и делови за нив, неогрански хемиски материи, ретки и скапоцени метали, машини, керамички производи, различни хемиски производи. Македонија во Јапонија извезува тутун, играчки, игри и спортска опрема, текстил, плетена облека, дрво и дрвени прозвиди. Сепак, има опаѓање на македонскиот извоз за оваа земја – во 2013 изнесувал 14.234 илјади долари, а лани 5.861 илјади долари.
Претставникот на Јапонската агенција за меѓународна соработка (ЏАИКА), Кијотаки Мијазаки нагласи дека агенцијата веќе го подготвува теренот за јапонските бизнисмени во регионот, канцеларијата и е во Белград, има околу 20 вработени и реализира повеќе проекти во шестте земји. Во регионот е фокусирана на развој на инфраструктурата и зголемување на менаџерските капацитети, развој на приватниот сектор, консолидирање на мирот и редукција на ризикот од природни непогоди. Нуди заеми, грантови и техничка помош, а досега за регионот се доделени 730 милиони долари во форма на заеми, 680 милиони долари за грантови и 220 милиони долари за техничка помош.
ЏАИКА спроведува истражување на пазарите, а Мијазаки им понуди финансиска помош на јапонските комании кои сакаат да добијат повеќе информации за пазарите на земјите од Западен Балкан.