Првиот семафор во светот, кој се наоѓа во Лондон, наполни 150 години. И покрај тоа што семафорот денес се зема „здраво за готово“, пред 150 години сите главни сообраќајни правци и крстосници биле регулирани од полицајци, за сето тоа да се измени во 1868 година, кога првиот семафор бил поставен во Лондон, пред Вестминстерската палата.

Со повеќе од 1.000 загинати на лондонските улици на почетокот на втората половина од 19. век, надлежните морале нешто да сторат за да ги доведат во ред сообраќајниците во главниот град, а железничкиот инженер Џон Пик Најт го знаел решението.

Со оглед на професијата на пронаоѓачот, не е изненадувачки тоа што првиот семафор неодоливо наликувал на железничка сигнализација, а исто така имал и подвижни раце, кои рачно ги контролирал полицаец.

За ноќниот режим тука биле црвените и зелените гасни лампи.

-Директната контрола на движењето, „застани, тргни”, не му се допаднала многу на викторијанското либерално општество, вели Дејвид Руни од Универзитетот во Лондон.

Сепак, „кариерата” на првиот семафор била кратка, а по само еден месец работа, испуштањето гас предизвикало серија експлозии во кои еден полицаец претрпел сериозни повреди.

Оттогаш, Лондон чекал повеќе од половина век на електрични семафори, кои во средината на 20-те години дојдоа од САД и почнаа да се инсталираат на бројни патишта во градот.

Модерните електрични семафори се американски изум, а првиот, со црвени и зелени светла, бил поставен во 1912 година во Солт Лејк Сити.

Него го осмисли полицаецот Лестер Вејер, а во истиот град, пет години подоцна, започнал да функционира првиот мрежен систем на семафори, управуван од едно место, кој регулирал сообраќај на шест крстосници.

Автоматската контрола на вмрежените крстосници била воведена во март 1922 година во Хјустон, Тексас.

Првиот семафор, кој го регулира сообраќајот во сите четири насоки на раскрсница, и со три бои, бил направен во Детроит во 1920 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/12/2018 11:39