Надоместоците на трошоци за настани од здруженија на граѓани нема да се даночат, без разлика колку ќе траат. Ова беше барање на повеќе од 80 граѓански организации. Зголемен е износот за платената пракса кој е ослободен од оданочување, со намера да се стимулираат повисоки надоместоци за пракса. Се воведува даночно ослободување за патните трошоци за образовни активности во странство. Ова се дел од усвоените амандмани на Законот за личен доход, на денешната Комисија за финансирање и буџет во Собранието.

Министерот за финансии Драган Тевдовски истакна дека со ова Министерството за финансии и Владата на дело покажуваат дека ги слушаат предлозите од граѓаните и секогаш кога има простор излегуваат во пресрет. Во таа насока беа и јавните дискусии кои Министерството за финансии ги организираше изминатиот период во врска со даночната реформа, на која беа поканети претставници од граѓанскиот сектор и економски експерти.

Младинските организации побараа и во законот појасно да се дефинира стипендијата која е ослободена од даночење, односно да се појасни дека не се плаќа данок и на надоместоците за школарина, превоз и исхрана, што исто така беше прифатено.

Беа прифатени и четири други амандмани кои се однесуваат на подобрувања и појаснувања на текстот на Законот. Од вкупно 22 поднесени амандмани, беа прифатени осум. Прифатени беа амандмани од граѓанските организации, Стопанската комора на Македонија, Организацијата на работодавачи на Македонија и од Занаетчиската комора.

Министерот за финансии Драган Тевдовски денеска на Комисијата за финансирање и буџет рече дека во насока на обезбедување поголема праведност во оданочувањето на доходот на граѓаните се предлага воведување праведен прогресивен данок.

-Со законот, а во насока на воспоставување поправеден систем на оданочување на доходот на граѓаните, се предлага воведување прогресивно оданочување на доходот од работа, доходот од авторски права, доходот од самостојна дејност и доходот од продажба на сопствени земјоделски производи, рече Тевдовски.

Конкретно, покрај даночната стапка од 10 отсто се предлага воведување на стапка од 18 отсто која ќе се однесува на даночната основа која надминува 1.080.000 денари на годишно ниво, односно 90.000 денари месечно. За даночната основа до 90.000 денари месечно, односно 1.080.000 денари годишно, останува примената на даночната стапка останува 10 отсто.

Со Предлог Законот се врши и зголемување на износот на даночното намалување кое се применува кај платите и пензиите.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/12/2018 15:07