Земјите членки на ЕУ треба да имаат можност да издаваат хуманитарни визи во нивните амбасади и конзулати во странство, за да можат азилантите да стигнат до Европа без да ги ризикуваат своите животи, се наведува во резолуцијата што денеска ја усвои Европскиот парламент.

Европратеницита ја повикаа Европската комисија да предложи воведување такви визи од 31 март следната година. Документот беше усвоен со 429 гласови „за“, 194 „против“ и 41 „воздржани“.

Пратениците истакнуваат дека и покрај многуте пораки и барања за безбедни и легитимни начини за барателите на азил во ЕУ, не постојат процедури за еднаква заштита.

Тие додаваат дека речиси 90 отсто од луѓето кои добиле меѓународна заштита, поради недостигот на правен капацитет, илегално влегле во ЕУ.

Европскиот парламент смета дека хуманитарните визи ќе помогнат во справувањето со неприфатливиот број смртни случаи во Медитеранот и по миграциските патишта кон ЕУ, во борбата против трговијата со луѓе и за подобрување на управувањето со приемот и обработката на барањата за азил.

Од 2000 година, најмалку 30.000 луѓе починаа на границите на ЕУ во обид да стигнат до некоја од европските земји. ЕП забележува дека одлуката за издавање хуманитарни визи мора да остане во рацете на земјите на ЕУ. Според ЕП, апликантите за хуманитарни визи треба да докажат дека се изложени на опасност и дека не поднеле документи според други процедури за прием во ЕУ. Проценката на нивните апликации не треба да вклучува целосен процес на утврдување на статусот, но пред издавањето на визата секој кандидат треба да биде подложен на проверка за безбедност, преку релевантните национални и европски бази на податоци за да се докаже дека тој не ја загрозува безбедноста.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/12/2018 15:12