Иако беше домаќин за конференцијта за клима, Полска сè уште има големи резерви на јаглен и многу зависи од тоа гориво. Но и таму се затвораат рудниците, а судбината на работниците е неизвесна.

Јоана Вежцинович во кујната на кантината готви готведски ролат, еден од специјалитетите на Шлеска. Илјада пати веќе готвела таков ролат, полнет со краставици и сланина, кој се служи со зелка и ќофтиња. Во Забрзе инаку тоа беше омилено јадење кое брзо ќе го снемаше од понудата, но Јоана знае дека денеска нема да продаде многу ролати. Бидејќи кантината се наоѓа точно наспроти рудникот за јаглен Макошови, кој е затворен во 2016 година.

– Додека беше рудникот имаше многу работа, бидејќи тука рударите доаѓаа на ручек. Тука беше централно место, целиот живот тука се одвиваше. Но откако рудникот е затворен сè исчезна, вели таа.

Таа кантина е само една од многубројните локални фирми кои се тешко погодени од затворањето на тој државен рудник со околу три илјади рудари. Некои продавници самите ги затворија вратите, а нема уште долго да остане отворен ниту локалниот Дом на здравјето. Рударите главно заминаа во други рудници во Полска, бидејќи јагленот е сè уште важен енергенс на таа земја – тој обезбедува 80 отсто од енергијата на Полска.

Како да се спојат климата и јагленот

Таа земја и сега е далеку најголем произведувач на јаглен во Европската унија: До само пред три години во тој сектор беа вработени околу сто илјади работници. Но и Полска мора да се држи до зададените насоки за зачувување на климата, а тоа едностано не е можно со толкава потрошувачка на јаглен.

На рударите пак главно прашање им е како и натаму да заработуваат за живот? Андржеј Чвилук е на чело на локалниот сидникат на рудари. Тука го минал најголемиот дел од својот живот и тоа во окно, под земја. Сега го мачат белите дробови, но уште повеќе го измачува иднината. Јагленот, вели тој, со векови значеше живот за ова подрачје. Тоа се гледа и во неговата канцеларија. Насекаде висат фотографии од рудникот и се туркаат со трофеите и признанијата на фудбалскиот тим на рудникот. Посебно место е посветено на олтарот на Света Барбара, заштитничка на рударите.

Денот на Света Барбара е во декември и на тој ден рударите од Шлеска традиционално ги облекуваат своите свечени рударски црни униформи со златни копчиња и капа украсена со пердув. Така дотерани, одеа зад оркестарот во процесија низ рударските места. Тој вели дека традицијата некако мора да преживее, но како? Поранешните рудари и натаму одат по училиштата и градинките во околината и зборуваат за животот во рудник, но големо прашање е кое од тие деца ќе тргне по нивниот пат.

„Како да сме мртви нешта“

И на Чвилук му е јасно што јагленот значи за климата и оти еден ден ќе мора да исчезне од нашиот живот. Но исто така тие сакаат некој да се посвети и на нивната судбина.

– Промената е важна и до исчезнување на рудиниците ќе дојде, вака или така. Но таа промена мора нешто да им донесе на луѓето и не смее да помага само на економијата, вели тој.

Чвилук вели дека она што се случи со рудникот Макошови веќе не смее да се случи. Владата на Полска на рударите им ветуваше дека нема да ги затвора, се додека еден ден не слушнаа сепак дека ќе бидат затворени. – Се однесуваа кон нас како да сме мртви нешта. Работниците во рудникот се почуствуваа измамени и заборавени. Никој не сакаше да ни објасни што се случи, вели тој.

Рударите се снајдоа некако и голем број најдоа работа во други рудници. Но жените, посебно оние кои беа постари од 40 години, беа погодени многу силно. Едвај некоја од нив да има ново работно место.

Полска и во Катовици побара „социјално поднослива транзиција“ во напуштањето на енергијата од јаглен бидејќи и натаму смета на тој енергент. Полска предвидува дека половина од своите потреби за енергија ќе ги задоволи со јаглен. Полскиот претседател Анджеј Дуда истакнува дека неговата земја има јаглен за „уште 200 години“ и оти неговата држава едноставно не може во целост да го напушти јагленот како енергент.

Јаглен, но не полски

Но тие повици од Варшава се ново мамење на полските рудари, предупредува Изабела Зигмунд од Организацијата Бенквоч.

Јагленот кој се наоѓа под земја во Полска, едвај некаде и да се исплати да се експлоатира. Политичарите, и на народот и на рударите, им велат дека ги спасуваат нивните работни места, а всушност Полска сè повеќе увезува евтин јаглен од Русија. На тој начин ниту прави нешто за климата, ниту прави нешто за своите граѓани, туку пред очите им е само профитот на енергентиските концерни. Исчезнувањето на рудниците и рударите веќе почна и речиси никој не се грижи за нивната иднина.

Јоана Вежцинович 21 година минала во кујната на кантината наспроти рудникот, а дури и претходно таму ја посетувала својата мајка, која работела во истата кантина. Сега сепак нашла друга работа.

И синдикалецот Чвилук и неговото семејство веројатно набрзо ќе заминат онаму каде што отидоа другите рудари. Што ќе биде со фотографиите и фудбалските трофеи, а што со тоа? И што за него остана во Забрзе? Не знае веќе ништо, вели тој.

Дојче Веле – Бон

11 декември 2018



Автор: Администратор
Објавено на: 11/12/2018 16:23