Едно лице загина, а седуммина се повредени откако засега неидентификуван напаѓач вечерва отвори оган во францускиот град Стразбур, јави ДПА, повикувајќи се на соопштение на полицијата.

Вооружениот напаѓач избегал од местото и моментно е во бегство, додаде полицијата.

Европскиот парламент, чие седиште е во тој источен француски град, го активираше својот протокол за итни случаи и во моментов е затворен за да ги заштити луѓето внатре, соопшти на Твитер европратеничката Ева Каили .

Француското Министерство за внатрешни работи ги предупреди жителите на градот Стразбур да останат во затворен простор откако полицијата соопшти дека дошло до инцидент со пукање.

„Во Стразбур се случи сериозен инцидент по јавната безбедност”, објави Министерството на Твитер. „Од жителите се бара да останат во своите домови. Повеќе информации следат, почитувајте ги инструкциите од властите”, порача француското МВР.

Центарот на Стразбур е целосно блокиран од полиција, а божикните штандови, како и блиските кафулиња се евакуирани

Градоначалникот на Стразбур Ролан Рис изјави дека во тек е „сериозен инцидент“, дополнувајќи дека „мислите му се со жртвите“.

„Франс инфо“ објави дека непознато лице отворило оган кон насобраните луѓе од автоматско оружје во секторот Гранд Руе. Локалните медиуми известуваат дека биле испукани десетина куршуми.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/12/2018 23:20