Конзервативните пратеници денеска ќе гласаат за недоверба на лидерката на партијата и премиерка на Велика Британија Тереза Меј.
Гласањето за позицијата на Меј доаѓа откако 48 пратеници од Конзервативната партија, бројка неопходна да се покрене гласање, испратија писма до претседателот на одборот кој е одговорен за раководството на партијата.
Меј, која стана премиерка кусо време по референдумот за напуштање на Европската унија во 2016 година, се соочи со критики во партијата за нејзиниот план за Брегзит.
Би-Би-Си јави дека сé уште не е познато колку брзо ќе се објави резултатот од гласањето.
Ако победи на гласањето, Меј најмалку една година нема да се соочи со ново гласање недоверба. Доколку и изгласаат недоверба, ќе има избор за лидер на Конзервативната партија на кој таа нема да може да учествува.
Можно е и Меј да победи со тесен резултат, по што таа може да одлучи да поднесе оставка како лидерка на партијата.
Со оглед на тоа што Конзервативната партија е најбројна партија во британскиот Парламент, партискиот лидер вообичаено е премиер на земјата.
Кон крајот на ноември, кога конзервативните пратеници почнаа да ги поднесуваат писмата за гласање недоверба, Меј изјави дека нејзината смена нема да ги олесни преговорите за Брегзит. Таа тогаш нагласи дека не размислува сама да поднесе оставка.
– Менувањето лидери во овој момент нема да ги олесни преговорите, рече тогаш Меј во интервју за Скај њуз.