Изутрината во 1:45 часот на автопатот кај Лесковац се случи тешка сообраќајна несреќа во која загинаа тројца македонски државјани – маж и две жени, а 32 се повредени.
Како што соопштија од српската полиција, несреќата се случила кога автобус со македонски регистарски таблички од струшката фирма Еуро Бус, кој патувал на линијата од Струга за Виена, излетал од патот пробивајќи ја заштитната ограда и се превртел кај клучката Печењевци во близина на Лесковац.
Автобусот со македонски патници тргнал од Македонија синоќа околу 20 часот и во него имало патници од повеќе места во Македонија, а еден од повредените изјави за медиумите дека не се сеќава на несреќата, бидејќи сите спиеле во тој момент.
– Јас седев назад, автобусот се занесе, нешто силно ме удри во главата и сите патници почнавме да паѓаме еден врз друг. Многу ми е жал за тројцата загинати, фала му на Бога што останавме живи. Брзата помош многу брзо дојде и мене ме префрлија во Ниш, па во болницата во Лесковац, ни изјави Ричард Малинковски од Прилеп, кој има повреди на главата и треба да се оперира во Македонија.
-Некој кажуваат дека возачот има заспиено. Но јас тоа не го видов. Наеднаш се свртевме и потоа два пати паднавме и доживеав шок, по што не се сеќавам на ништо друго, изјави Малинковски.
Во несреќата, еден маж и две жени – македонски државјани загинаа на лице место. Како што не информираа мажот е од крушевското село Бучим, а една од жените е од Кочани.
Сите лица се идентификувани, а четворица лица по укажаната помош самоиницијативно се имаат вратено за Македонија.
Во болницата во Лесковац изутрината медицинските екипи од Лесковац и од Ниш префрлија 28 луѓе, додека четири во болницата во Ниш.
Според началникот на Хирургија во Лесковац Небојша Димитријевиќ, во моментов осум пациенти се згрижени во лесковачката болница, двајца со тешки повреди на главата и на ’рбетниот столб се во болницата во Ниш, а 12 лица, од кои две деца по укажаната помош се сместени во хотелот Апостоловиќ и чекаат со обезбеден превоз да се вратат за Македонија.
Увидот на терен го изврши нишката и лесковачката полиција, но уште не е соопштено како дошло до несреќата.
Возачот и совозачот не се повредени, но кажано им е дека неможат да даваат изјави за медиумите.
Во Лесковац вчера врнеше дожд, а од полноќ непрекинато врне снег, па се претпоставува дека лизгавиот коловоз е можна причина за несреќата.
Преставници од македонската амбасада во Белград се наоѓаат во Лесковац, каде од градоначалник на Лесковац д-р Горан Цветановиќ е пружена сета помош и организација на македонските патници.
Се очекува да пристигне македонска делагација предводена од генералниот секретар на Владата Драги Рашковски.