„Јорганџиска улица“ во Старата скопска чаршија денеска симболично е инаугурирана во „Европска улица“.

Шефот на делегацијата на ЕУ Самуел Жбогар на инаугурацијата изјави дека 2018 година беше многу тешка година, но исто така и многу активна.

– Денешниот настан е убав повод да се заокружи целата година. Инаугурацијата на оваа улица всушност претставува еден симболичен начин за се заокружи успешноста на оваа година. Од наша страна, тоа што ние видовме, е посветеност на Владата да се решаваат проблеми, исто така посветеност да се продолжи со имплементација на започнатите реформи. Додека од страна на Европската Унија, ние повторно ја потврдуваме нашата посветеност да се ангажираме во понатамошната имплементанција на реформите, како и за отворање преговори следната година, се разбира под услов реформите во земјата да продолжат, изјави евроамбасадорот Жбогар.

Евроамбасадорот рече дека симболичниот подарок – филигрански брош што и го подари златарот Селајдин Асани во Старата скопска чаршија, на високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини при нејзината последната посета на Скопје во септември, ја покажува за великодушноста на самите граѓани на Старата чаршија, но исто така покажува и за уметноста, вештините кои се негуваат во чаршијата.

За да ја изрази својата благодарност Могерини испрати благодарница до златарот, која му ја врачи Жбогар. Златарот Асани им се заблагодари на евроамбасадорот Жбогар и на Могерини и рече дека му и е мило што го наравил тој гест.

-Можеме да видиме дека еден мал гест може да придонесе кон случување на поголеми процеси. Јас, но и сите ние веруваме дека ако почнеме реформа по реформа, улица по улица, Европската Унија ќе се дојде во Скопје и во вашата земја, нагласи Жбогар.

Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу исто така се надоврза на зборовите што ги рече евроамбасадорот Жбогар дека еден мал гест од наш сограѓанин придонесе сите да се собераат и оваа улица на симболичен да се именува во „Европска улица“. -Но, јас како градоначалник на Чаир не би сакал само симболично да се нарекува оваа улица и ќе предложам до Советот на општина Чаир и официјално улицата да го добие ова име. Мислиме дека како држава местото ни е во Европската Унија и да бидеме со сите народи под еден чадор, изјави Ганиу. На новинарско прашање, Ганиу најави дека добиле проект од Светската банка со чии средства ќе се направи унификација на излозите на дуќаните, но и дека во иднина целата инсталација што се гледа во воздух ќе биде во подземна инфраструктура. „Европска улица“ во Старата скопска чаршија денеска беше украсена со чадори „ЕУ за ТЕБЕ”.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/12/2018 14:00