Наредната година буџетот на Град Скопје ќе изнесува 6,5 милијарди денари. Според предлогот, што денеска е на дневен ред на седницата на Советот, Градот планира инфраструктурни проекти, поддршка на локален економски развој и развој на туризмот, за изградба на паркови и зеленило…

Основниот буџет изнесува 4,4 милијари денари, буџетот на дотации 1,6 милијарди денари, буџетот на самофинансирачки активности – 304 милиони денари, буџетот на кредити 10 милиони денари и буџет на донации 130 милиони денари. Во планираните средства влегува и дел од вишокот на приходи остварен од минати години во износ од 1 милијарда и 21 милиони денари.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов го образложи предлогот при што рече дека во структура на вкупно планираните приходи најголем процент на учество имаат даночните приходи со 38 отсто, приходите од дотации со 25 отсто, неданочните приходи со седум отсто и капиталните приходи осум отсто.

Во делот на урбанистичко и просторно планирање и уредување на градежно земјиште се планира износ од 192 милиони денари, за поддршка на локален економски развој и развој на туризмот 123 милиони денари. За одржување на комуналната инфраструктура се издвоени 630 милиони денари, за изградба на јавно осветлување – 50 милиони денари, 900 милиони денари за изградба на патна инфраструктура, 102 милиони денари за управување со јавна чистота. За изградба на паркови и зеленило во Скопје се планираат 153 милиони денатри, а за заштита на животната средина, вклучивајќи ги и одржувањето на јавната чистота и одржување на паркови и зеленило планирани се 254 милиони денари.

За образование, култура и спорт се предвидени 345 милиони денари, за социјална заштита 102 милиони денари, за непречено функционирање на Советот и администрацијата и унапредување на нејзиното работење планирани се средства во износ од 900 милиони денари и за функционирање на Бригадата за противпожарна заштита 124 милиони денари.

Тој напомена дека се предвидени стедства од буџетот на Град Скопје за Протвопожарната станица, а не од блок дотациите за набавка на опрема.

– Нешто што како град од 2005 година досега го нема реализирно ниту една градска администрација. Ние предвидуваме набавка на две нови противпожарни возила и противпожарна скала од 60 метри која е неопходна, рече Шилегов.

Седницата почна со едноминутно молчење во чест на градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски, кој почина во саботата.

Советниците со 24 гласа „за”, 11 воздржани и еден против го одобри Предлог планот на програми за развој за период од 2019-2021 година што станува составен дел на Предлог-буџетот на Град Скопје за 2019 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/12/2018 14:43