„Донеси стар уред и земи ваучер со попуст за нов“ е проектот на општина Центар и колективниот постапувач „Нула Отпад“ од Скопје кој и оваа година успешно го спроведоа, а воедно доби и хуманитарен карактер.

Како што соопштија од општина Центар, Проектот за собирање на отпадната електрична и електронска опрема од домаќинствата започна во 2016-та година, со акции во урбаните заедници и истиот континуирано се спроведува трета година по ред, преку организиран систем за собирање на отпадот од домовите на граѓаните.

Граѓаните се пријавуваат кај Координаторите на урбаните заедници или на ЕКО линијата 070 236 000, наведувајќи каков тип и колку отпад поседуваат, по што колективниот постапувач го подигнува отпадот директно од домовите на граѓаните. Отпадот, понатаму безбедно се пренесува до фирма-рециклатор, на понатамошна обработка. Секој граѓанин има право да добие ваучер од компанијата Техномаркет или може вредноста на ваучерот да ја донира за уред во социјално загрозено семејство. Досега, од територијата на Општина Центар за трите години откако се организира оваа акција, собрани се околу 40 тони отпад.

Согласно иницијативата „Донеси стар уред и земи ваучер со попуст за нов“, голем број од граѓаните се откажаа од ваучерите. Од собраната сума, колективниот постапувач „Нула отпад“, заедно со градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, донираше домаќински уред – фрижидер на социјално загрозено семејство.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/12/2018 14:49