Среќни, шират позитивна енергија и премногу си ја сакаат својата работа. Колегите ги почитуваат и за нив велат дека се ангажирани и постигнуваат резултати во својата област. Toa се Макфире Шакири, позната како Маки 35 и Суза Мицевска од Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“. Првата работи како возач и управува автобус, а втората работи како линиски контролор.

Со нив минавме неколку часа и поразговаравме во базата на ЈСП „Скопје“ во Автокоманда. Маки и Сузе со насмевки на лицата ни раскажаа за својата работа, за убавите и негативните страни, за предизвиците со кои секојдневно се соочуваат.

Секое излегување на работа е ризично

Суза Мицевска 19 години работи во ЈСП „Скопје“, а седум години е линиски контролор. Со неа има вкупно пет жени контролори во ова претпријатие. Сузе е меѓу првите жени контролори по постигнатите резултати, а за својата извршена работа неколку пати била пофалувана и наградувана со пет отсто на плата.

Таа е самохрана мајка на две деца и баба на едно внуче. Има завршено средно трговско училиште во Скопје. Во ЈСП „Скопје“ почнала како хегиеничарка, а сега работи како контролор. Многу си ја сака работата, ужива во неа и работи со љубов. За нејзината професија вели дека тоа е работа со луѓе и оти е многу важна културата во автобус.

– Нашата работа е многу ризична. Во последно време во автобус сме пофалени од патници, но и сме навредени. Наидуваме на многу проблеми и понекогаш бараме помош од полицијата. Непријатни ситуации имаме многу често, скоро секојдневно, вели Сузе.

Ни опиша како изгледа еден нејзин работен ден. Работи во смени, за празници, викенди, а одмора кога ќе ѝ се падне, според распоред. Првата смена почнува од 5.30 и трае до 13 часот, втора од 11:30 до 19, а трета од 16 до 22:30 часот. Работи со колега и дневно ги проверуваат билетите на патниците во повеќе од 20 автобуси. Контролорите секој ден одат во различна зона, кои се вкупно пет во Скопје.

– Со последните автобуси кога си одиме, се валидираме. На себе треба да го имаме беџот со нашето име и презиме, имаме картичка со која кога влегуваме во автобус се регистрираме за да работи апаратот за проверка на билети, рече Сузе.

Додаде дека секогаш се љубезни и убаво постапуваат кон патниците. Прво се обидуваат со добро и сами да ја решат ситуацијата. Се обидуваат патникот кој нема билет да плати со телефон или да купи картичка кај возачот. Ако тој одбива да плати, се прави записник за извршена контрола во автобус на ЈСП „Скопје“. Еден примерок останува за нас, вели Сузе, еден за патникот и еден за претпријатието. Во записникот треба да стои даумот кога е казнет патникот, гаражен број на автобусот и автобуската линија за која се работи. Тука има податоци и потписи од патникот, возачот и од двајцата контролори. Покрај записникот, патникот добива и две уплатници за да ги плати во рок од седум дена. Треба да плати 1.000 денари. Тогаш патникот не го симнуваат од автобус. Патникот ќе го симнат од автобус кога не дава лични податоци, име, презиме и матичен број, само за да не страдаат и да не доцнат другите патници во автобусот кои веќе платиле билет и чекаат да дојде полиција.

Сузе ни раскажа дека во последно време имаат многу проблеми со патниците, примаат закани и добиваат непријатни коментари.

– Кај нас нема толеранција, дали си Македонец или Албанец. За нас во автобусот постои патник со или без билет. Националноста не постои во автобусите, нагласи Сузе. Додаде дека толерираат патници кои претходно го замолиле или прашале возачот да се повозат неколку станици, или од некои причини немаат билет. Во последно време патниците ставаат забрани на мобилните телефони и потоа не можат да плаќаат со нив во автобус. Се случува ако влезе група во автобус, еден да плати, а потоа пораката им ја препраќа на останатите.

Сузе потенцира дека нивниот апарат буквално се покажува. При проверките се покажало дека патниците користат билети од најблиски роднини, како на пример, сопругот го користи билетот од својата сопруга. Имаат проблеми и со учениците кои најчесто им велат дека го заборавиле билетот, а потоа имаат реакции од нивните родители.

– Јас ја сакам работата, па макар и да се случи да ме повредат, вели Сузе.

Професијата не е тешка, туку ризична

Макфире Шакири, позната како Маки 35 е возач во ЈСП „Скопје“ од 2006 година. Ни раскажа дека возела градски и приградски автобуси, а во последно време ја возела линијата со број 35. Така и ја препознаваат, како Маки 35. Привремено поради здравствени причини работи како контролор на билети и секојдневно комуницира со патници. Вели дека повторно ќе ѝ се врати на својата професија – возач. Таа ги руши табуата дека жените не се добри возачи и работи рамо до рамо со своите колеги мажи.

За себе вели дека е пресреќна мајка на 15-годишен син. – Времето кога сум на работа тој е на училиште, а сето преостанато време го поминувам со него. Тој е активен, оди на солфеж, гитара, тренира бокс, кошарка. Заедно возиме велосипеди. Исполнета сум и среќна, потенцира Маки.

За патниците вели моите патници. – Јас не ги сметам како патници на 35, ние сме како семејство, осум часа сум со нив. Убаво ми е со нив. Секој влегува со поздрав во автобус, рече Маки.

Маки, која е од Скопје, ни раскажа дека отсекогаш сакала да биде возач, уште од дете. За да се вози автобус, како што вели, треба да се полага, а до Д не е лесно да се дојде и финансиски. Треба да се поминат неколку категории и работно искуство.

– Малку е потежок патот и вработувањето е доволно тешко за да се дојде до едно вакво работно место. Треба навистина да ја сакаш професијата многу за да останеш, затоа што е многу, многу тешко, рече Маки.

Маки ни раскажа дека надвор од Македонија возела туристички автобус и била возач инструктор во автошкола. Вели дека обучила многу возачи, пред сѐ жени.

-Работата многу јас сакав и ја сакам, но многу ми е отежнато. Како возач многу малку услови имаме. Тоа дека сум жена ништо не ми прави проблем за да возам автобус. Тоа јас не го гледам како женска или машка професија воопшто, признава Маки.

Сега, како што рече, гледам од две страни во нашето претпријатие, како возач и плус како контролор.

– И контролор не е лесно да се работи. Се соочуваш со луѓе, кои треба да знаеш, да си подготвен со кого до каде можеш. Има агресивни луѓе, напаѓаат без причина, додека ја вршиш работата, вели Маки. Додава дека кога влегува во автобус секогаш е љубезна и ги поздравува патниците, ги замолува да подготват билети за контрола.

За себе вели дека по природа е ведра и насмеана и оти тоа го коментираат патниците како позитивно. Ако се сретне со патник без билет, ни раскажа дека секогаш прво разговараат која е причината за тоа и не оди директно на казна.

– Не нѐ почитуваат како јавен превоз. Градот не прави да имаме посебни траси, да не паркираат автомобили на автобуска постојка. Не сме почитувани, не ни дават првенство на минување, многу лошо се престројуваат пред автобус што е 12-тонско возило, со најмалку 80 патници внатре. Меѓу патниците има бремени жени, деца, инвалиди, возрасни. Се трудиме максимално, даваме сѐ од себе. Тоа никој не го цени, не го почитува дека ние како возачи ризикуваме безбедно за да ги однесеме патниците. Тоа е голем ризик, вели Маки и додава дека има убави услови за патниците во новите автобуси.

Нагласи дека секогаш размислува за животите на своите патници и за нивната безбедност.

-Ако јас погрешам, тоа ќе биде многу страшно. Патниците нам ни го доверуваат животот кога влегуваат во автобус. Јас треба да мислам за сите учесници во сообраќајот. Како професионален возач треба да мислам и за патниците и за сѐ. Ризична е доволно професијата, а и тешка е. Не е лесна, истакна Маки.

Според неа, возачот ако погреши потоа не може да се исправи. Грешките, како што рече, се многу големи, катастрофални. Ни посочи дека таа и нејзини колеги честопати се нападнати на линија од учесници во сообраќајот и од патници, навредени и физички нападнати. Патниците, пак, не ги разбираат и залудно е сѐ. За нив, тие се виновни ако задоцни автобусот, има сообраќајки, протести, технички проблеми, временски услови, раскопани улици…, но сепак има и пријатни патници.

– Јас можам само да се пофалам од моите патници. Многу ретко сум имала лоши ситуации. Многу ме почитуваат, убаво сум прифатена. Почетокот да, беше чуден, со старите автобуси, ме гледаат ситна…, рече Маки. Направи споредба со возењето некогаш и сега, со стар и нов автобус, за одговорноста која вели дека е иста. За неа возењето со новите автобуси е многу поолеснето, но често се случува тие да бидат претоварени од патниците.

Маки, која е непосредна, си ја сака професијата. Друштвена е, сака да комуницира со луѓе и вели дека не може да остане на едно место. Смета дека нејзината работа е стресна, но нервозата не ја пренесува дома или на друг.

Додава дека се трудела да ги поттикне своите колешки инструктори кои имаат возачка дозвола Д-категорија да возат автобус, но не се согласуваат. Според неа, патниците и жените гледаат на големината на автобусот.

-Можам да кажам дека со автобус сум послободна отколку со мојот автомобил, со него повеќе внимавам и помалку возам, рече Маки која вози од 1993 година со возачка дозвола, а возела и претходно и имала казни.

Маки вели дека никогаш не била наградувана, а била пофалувана, но само од патниците. Тоа не ѝ пречи да биде успешна во својата професија.

-Не мора да ме наградат. Мене ми е убаво кога народот е со мене. Тоа е среќата. Кога мене цел ден ми се смеат патниците, комунцираме, си посакуваме среќен, убав ден. Тоа ме прави среќна. Не знам што има поубаво од тоа едвај да чекаш да дојдеш на работа, да ги видиш луѓето, вели Маки.

Додаде дека иако комуникациајта е забранета со патниците, тие некогаш доаѓаат за да ја прашаат нешто. Како недостатоци ни ги посочи непостоењето паузи и малата плата.

-Платата ни е многу мала за нашата одговорност. Примањата ни се мали. Работиме со љубов. Работата не е толку платена колку што вреди, рече Маки, додавајќи дека се најпотиснати возачите и контролорите.

Надлежните од ЈСП „Скопје“ се задоволни од работата на Маки и Сузе и велат дека го ценат нивниот труд. Сметаат дека е храброст да се работат овие професии кои се ризични и додаваат оти не се согласува секој да ги извршува.

Магдалена Ристоманов

Фото и видео: Ивана Батев



Автор: Администратор
Објавено на: 17/12/2018 16:22