Сите правни и физички лица кои по 25 декември 2016 година користеле средства од Повикот за ИПАРД програмата, а за реализација на инвестицијата подигнале кредит, ќе може да добијат финансиска помош од 50 до 75 отсто од каматната стапка на годишно ниво за период од 10 години.

Според директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, помошта е наменета за кредити кои имаат годишна каматна стапка во висина до осум проценти на годишно ниво, кои се исклучиво пласирани од банки и штедилници со дозвола за работа од Народната банка на Република Македонија за период до 10 години и тоа за инвестиции кои се финансирани од инструментoт за претпристапна помош во земјоделството и руралниот развој од Европската унија (ИПАРД).

-Услов е и кредитот да не е повисок од 500.000 евра во денарска противвредност по среден курс на Народната банка утврден на денот на склучувањето на договорот за кредит. Право на користење на финансиски помош ќе имаат корисници на финансиски средства од (ИПАРД), кои потпишале договор после завршување на последниот јавен повик за субвенционирање на каматна стапка, односно после 25.12.2016 година, вели Бабовски.

Сите што ги исполнуваат условите треба да креираат електронско барање по извршена регистрација на e-baranje.ipardpa.gov.mk, за финансиска поддршка со соодветни податоци и да прикачат задолжителни електронски документи: Договор за склучен кредит со банка или штедилница за инвестицијата финансирана од Инструментoт за претпристапна помош во земјоделството и руралниот развој од Европската унија и Детален амортизационен план кој е прилог на договорот за кредит.

Барањата кои ги исполниле условите за користење на средства за мерката „2“ ќе се рангираат според датумот и времето на поднесување на електронското барањето на e-baranje.ipardpa.gov.mk . Барањата кои не се поднесени електронски нема да се разгледуваат.

Еден барател може да поднесе само едно барање за една мерка, или најмногу две поединечни барања по различни мерки, земајќи ги предвид и останатите мерки од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2018 година. Краен рок за аплицирање е до 18.01.2019 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/12/2018 11:07