Со цел поттикнување на претприемачкиот дух преку промоција на успешни примери, се доделија престижните награди „Претприемач на годината 2018“ за најуспешните претприемачи на микро и мали претпријатија во земјата.
Во категоријата мали претпријатија првата награда му припадна на Ваљон Купа, менаџер на компанијата Евита Груп од Дебар, а втората на Филип Ристевски, менаџер на компанијата Пиксел од Скопје.
Првата награда во категоријата микро претпријатија му е доделена на Сашко Андонов, менаџер на компанијата Течко Нет од Кочани, а втората на Александар Билјаноски, менаџер на компанијата Мое Студио Дадар од Скопје.
Наградите ги доделија министерот за економија, Крешник Бектеши, претседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска, претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Неби Хоџа, и Лазар Неданоски, раководител од Македонската развојна фондација за претпријатија.
Претселекцијата за изборот на „Претприемач на годината 2018“ беше направена врз основа на податоците од Централниот регистар на Република Македонија. Во периодот од 2015 до 2017 година вкупно 112 микро и мали претпријатија ги исполнија критериумите за избор и имаат реализирано континуиран раст во број на вработени, вкупните приходи, добивка и инвестиции. Најдобрите претприемачи беа контактирани и вклучени во процесот на избор преку пополнување на прашалник, посета на терен, анализа и оценка според однапред утврдени критериуми (посветеност на обуки, маркетинг и стратегија за раст, инвестиции во опрема и истражување, развој и иновации и др.). Наградите во рамки на манифестацијата „Претприемач на годината“ оваа година се доделија по 12-ти пат, а наградените претприемачи во двете категории добија статуетки, плакети и пакети услуги од организаторите.
Главни организатори на Претприемач на годината 2018 се Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) и Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ). Ко-организатор е Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење. Институционален покровител е Министерството за економија на Република Македонија. Спонзор на настанот е Штедилница Можности.
ИНФОРМАЦИЈА ЗА ДОБИТНИЦИТЕ
Ваљон Купа - „Евита Груп“ од Дебар, I награда во категоријата мали претпријатија
„Евита Груп“ е една од водечките компании во Македонија која обезбедува професионални консултантски услуги на бизнис секторот, менаџирање на проекти, транспорт и логистика, градење на капацитети, развој на старт ап капацитети, како и други технолошки решенија за клиенти во приватниот сектор. Претприемачкиот дух го поттикна основањето на компанијата во 2013 година преку проектот за самовработување. Вредното работење влијаеше на проширување на дејноста и висококвалитетна производствена дејност. Денес, компанијата покрај на домашниот пазар е присутна и на пазарите во: Албанија, Косово, Италија, Полска и Германија. Со високо образован, квалификуван и професионален кадар, оваа компанија е посветена кон обезбедување на високо стандардни бизнис услуги со цел на следење на последните трендови во развојот на бизнис секторот.
Филип Ристевски – „Пиксел“ од Скопје, II награда во категоријата мали претпријатија
„Пиксел“ е дигитална маркетинг агенција која е посветена на создавање на иновативни дизајни, на технолошки напредни веб страници и на уникатна дигитална комуникација низ сите маркетинг канали. Агенцијата е поделена на две бизнис единици – едната посветена на дизајн и развој на софтвер, додека другата е насочена на дигиталниот маркетинг и сите предизвици околу професионално водење на дигитален маркетинг за еден клиент. Нивниот фокус е градење стабилни тимови, споделување на знаење и овозможување на најдобрите можни услови за личен напредок на вработените, а тоа е евидентно преку бројните интерни обуки. Нивниот тим е составен од искусни експерт и е посветен на создавање иновативни веб страни и целосни пакети на услуги во полето на дигиталниот маркетинг. Нивниот успех се огледува преку многубројните клиенти меѓу кои се вбројуваат најголемите македонски и странски компании.
Сашко Андонов – „Течко Нет“ од Кочани, I награда во категоријата микро претпријатија
„Течко Нет“ Компанијата е основана во Кочани во 2013 година со примарна дејност компјутерско програмирање и e-commerce development. Дел од асортиманот на услуги вклучуваат и комплетно решение на електронска-трговија, веб-продавници, развој на веб страни, графички дизајн, веб хостинг како и многу други ИТ услуги. Покрај на домашниот пазар, имаат развиена мрежа на локални партнери во: САД, Канада и Австралија. Работат со најсовремена „Apple” опрема и софтвер и редовно вложуваат во доедукација и усовршување на нивните вработени. Од 2015 година се занимаваат со медицинско естетски проблематики и имаат воведено целокупно нов асортиман на услуги и продукти од таа бранша. Се наоѓаат во центарот на Кочани и нудат медицинско естетски третмани за слабеење, подмладување и релаксација. Покрај тоа, континуирано вложуваат во сопствениот бренд преку инвестиции во нови висококвалитетни апарати за естетски третмани.
Александар Билјаноски – „Мое стуидио Дадар“ II награда во категоријата микро претпријатија
Приказната за студиото за убавина „Мое студио Дадар“ започнува во 2008 година во Скопје. Студиото нуди професионални услуги и ги опфаќа сите модерни третмани за нега и разубавување на лице, тело и коса. По најнови методи и највисоки меѓународни стандарди го носат најдоброто од светот на убавината во нивното студио. Покрај тоа, континуирано инвестираат во вработените обезбедувајќи многубројни обуки за доедукација за правилно користење и аплицирање на третмани. Имаат воведено нова едиција на козметичката линија „Fresh minerals - summer edition“ која се состои од 100% природна минерална шминка и која во целост ги исполнува барањата на клиентите. Нивната формула за успех е стремежот кон проширување и усовршување на третманите преку користење на современа опрема во комбинација со креативен и посветен кадар.