Народната банка на Република Македонија (НБРМ) и Македонската банкарска асоцијација (МБА) склучија меморандум за соработка во сферата на финансиската едукација на населението во земјава со кој се предвидува двете институции заеднички да преземат низа активности што ќе бидат насочени кон покревање на нивото на финансиска писменост, како и унапредување и развивање на финансиската инклузија на популацијата. Во рамки на соработката ќе се преземат и активности преку кои населението ќе добие повеќе информации и за банкарските услуги во земјава.

Соработка, како што информираат од НБРМ, ќе биде насочена кон покревање на свеста кај населението за потребата од финансиска едукација во современото динамично окружување, заради подобрување на вештините и способноста за носење издржани финансиски одлуки во практиката.

-Заради покревање на нивото на финансиска инклузија, се планираат заеднички активности што треба да обезбедат подобра информираност на населението и поголема достапност на банкарските услуги, што би овозможило подобро искористување на предностите што ги нудат банкарските услуги, при истовремено зајакнување и на свесноста на населението за евентуалните ризици во доменот на користењето на банкарските услуги, како многу важен аспект за клиентите на банките. Покрај тоа, во рамки на соработката се предвидува и зајакната координација во доменот на следењето, едукацијата и евентуалната примена на финансиските иновации во рамки на банкарскиот сектор, кои отвораат многу предизвици истовремено и за регулаторите, и за банките и за клиентите, порачуваат од НБРМ.

МБА склучи меморандуми за соработка во сферата на финансиската едукација и со Министерството за образование и наука (МОН) и Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија (КХВ).

-Во рамки на соработката дефинирана со меморандумите, меѓу другото, МБА, НБРМ, МОН и КХВ, заеднички, првпат во нашава земја ќе го организираат „Европскиот квиз на парите“ – проект на Европската банкарска федерација, наменет за финансиска едукација на младите. Со тоа, Република Македонија се вклучува во второто издание на овој квиз, чија основна цел е финансиска едукација на учениците на возраст од 13 до 15 години. Се очекува дека во квизот ќе учествуваат над 40 илјади ученици од 25 европски земји, потенцираат од НБРМ.

„Европскиот квиз на парите“ се одвива во две фази – првата се националните натпревари во секоја земја поединечно, а втората е европското финале. Националниот натпревар во Република Македонија ќе се одржи на 27 март 2019 година, во рамки на Европската недела на парите. Тим од најдобрите двајца ученици ќе ја претставува нашата земја на финалето коешто ќе се одржи на 7 мај 2019 година во Брисел.

-Организацијата на овој настан во нашата земја ќе придонесе за поголема ангажираност на младите во доменот на финансиската едукација и за збогатување на нивните знаења од сферата на финансиите, велат од НБРМ.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/12/2018 12:47