Законот за трговија на зелените пазари ќе почне да се применува од 1 јануари 2019 година, но можно е да се донесат измени во многу скоро време ако се констатираат какви било недоследности или ако се потврдат укажувањата на пазарџиите кои бараат негово одложување, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Тој најави дека оваа недела ќе има средба со Комората на пазарџии за да поразговара околу нивните забелешки и предлози што ги добил дури вчера. Измени на Законот се можни, но прекратко е времето да се реагира веднаш, односно до први јануари. Само две недели, смета министерот, не се доволни за каква било интервенција.

-Не верувам дека измени ќе може да има овие две недели зашто предлозите ќе мора да се достават до Собранието, а имајќи ја предвид неговата агенда, не верувам дека до крајот на декември ќе може некој друг закон да помине, особено не некој што не е во процедура. Но, треба да биде јасно дека Законот е усвоен на почетокот од оваа година, на иницијатива на група пратеници, а Министерството за економија беше должно да ги донесе подзаконските акти. Комората, пак, на пазарџиите која излезе со нови барања е основана кон крајот на април 2018. Но, ние ги добивме нивните предлози и во текот на оваа недеа ќе седнеме, ќе разговараме детално, ќе ги анализираме и зошто да не, во кратко време може да направиме измени и дополнувања на Законот. Сепак, мора да се има предвид дека треба да почекаме и да виидме како ќе се спроведе новиот Закон. Во моментот кога ќе констатираме заедно со коморите дека има недостатоци, секако ќе направиме измени и дополнувања, објасни Бектеши, одговорајќи на новинарски прашања по доделувањето на наградите „Претприемач на годината“.

Според него, ако се согледаат какви било недостатоци од Законот особено по неговата имплементација во 2019 година, измени секако ќе бидат предложени.

Комората на трговци на зелени пазари вчера побара одложување на примената на Законот поради, како што укажа, ненавремено донесени подзаконски акти и немање дефинирани услови за тоа како ќе изгледа лиценцата за вршење дејност.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/12/2018 13:46