Министерот за култура Асаф Адеми денеска оствари работна средба со раководството и со членовите на Фолклорниот ансамбл „Вапцаров“.

Како што соопшти Министерството за култура, на Адеми на средбата му беше врачена благодарница за поддршката која Министерството за култура му ја дава на овој реномиран ансамбл.

-Меѓудругото, стана збор и за досегашните активности на овој ансамбл, кој низ годините е активен промотор и афирматор на македонската фолклорна традиција, како и за идните негови настапи, информира Министерството за култура.

Во рамките на својата редовна дејност, работејќи со 12 фолклорни групи, ансамблот „Вапцаров“ во изминатиот период реализирал многу премиерни кореографии, сценски адаптации, ора и песни, изработка на нови и реставрација на постојните носии за потребите на овие групи. Ансамблот одржал и многу концерти и настапи на домашната сцена и во странство.

Фолклорниот ансамбл „Вапцаров“ ќе го одбележи 40-годишниот јубилеј на 23 декември, на затворањето на манифестацијата „Вапцарови денови“.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/12/2018 15:51