Афористичарот Миле Ѓорѓијоски ја објави втората книга од едицијата „Трагачи по парадокси“. Во македонско-српското издание застапени се 28 автори од Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Романија, Полска и Русија.
– Авторите се добитници на највисоки признанија за сатира како во своите земји, така и во светот. Заедно, сите автори имаат објавено преку петстотини книги што се преведени на повеќе светски јазици, а застапени се во голем број прегледи и антологии на афоризми, информира Ѓорѓијоски.
Првата негова книга од „Трагачи по парадокси“ имаше голем успех. Беше промовирана на Саемот на книга во Белград, на фестивалот на хумор и сатира во Темишвар, Романија, како и на фестивалот „Ин Виница веритас“.
Ѓорѓијоски, кој беше доста активен на полето на сатирата во 2018 година, на 28 декември ќе учествува на 38-то издание на Новогодишниот сатирикон во Белград што ќе се одржи во салата „Коларац“, со што ќе биде првиот сатиричар од Македонија што учествува на ваков настан.
Годината што изминува, Ѓорѓијоски ја завршува со шест издадени наслови од областа на сатирата.