Над 400 милијарди денари е остварениот промет во трговијата на големо во земјава во текот на минатата година, а прометот во трговијата на мало изнесува над 270 милијарди денари. Повеќе од половина од прометот на мало е реализиран во скопскиот регион, објави Државниот завод за статистика.

Во рамките на одделот Трговија на големо, освен моторни возила и моторцикли, во кој се реализирани 95,5 отсто од прометот во вкупната трговија на големо, најголемо учество од 20,9 отсто има прометот од продажбата на цврсти, течни и гасовити горива и сродни производи како огревно дрво, камен јаглен, дрвен јаглен, лигнит, моторен бензин, керозин, гасни масла, масла за ложење. Потоа следи прометот од продажба на фармацевтски производи со 11,5 отсто и прометот од продажба на шеќер, чоколада и кондиторски производи со11,2 отсто. Прометот од производите од тутун, месото и производите од месо, млечните производи, јајцата, мастите и маслата за јадење, пијалаците и овошјето и зеленчукот заедно учествуваат со 25,1 отсто во вкупниот промет во трговијата на големо, освен моторни возила и моторцикли.

Прометот од одделот Трговија со моторни возила учествува со 4,5 отсто во вкупниот промет во трговијата на големо, а во рамките на овој оддел прометот од автомобили и моторни возила нови и употребувани од лесна категорија учествува со 49,9 отсто, а прометот од продажба на делови и прибор за моторни возила гуми, делови и прибор учествува со 42,5 отсто.

Прометот во трговијата на мало по групи производи во 2017 година изнесува 267.327.856 илјади денари. Во рамките на одделот Трговија на мало, освен моторни возила и моторцикли, во кој се реализирани 95,1 отсто од прометот во вкупната трговија на мало, најголемо учество 14,6 отсто има прометот од продажба на автомобилски горива, потоа следат прометот од продажбата на фармацевтски производи лекови: фармацевтски производи и препарати – витамини, антибиотици, серуми и вакцини – само за човечка употреба со 6,3 отсто, млечни производи 4,6 отсто, други прехранбени производи, неспоменати на друго место 4,5 отсто останата трговија во неспецијализирани продавници 4,2 отстои прометот од алкохолни пијалаци 4 отсто.

Прометот од одделот Моторни возила, мотоцикли, резервни делови учествува со 4,9 отсто во вкупниот промет во трговијата на мало, во кој најголем промет е реализиран од продажбата на делови и прибор на моторни возила во специјализирани продавници 43,2 отсто и од продажбата на моторни нови возила во специјализирани продавници 42,7 отсто.

Прометот во трговијата на мало според региони е најмногу реализиран во скопскиот регион 54,9 отсто, додека најмал промет во трговијата на мало е реализиран во југоисточниот регион 5,2 отсто.

Најголем број продавници во трговијата на мало има во скопскиот регион, односно 31,3 отсто од вкупниот број продавници, а најмал број продавници има источниот регион 8,4 отсто.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/12/2018 13:28