Македонскиот електропреносен систем оператор (МЕПСО), денеска вработи шест стипендисти – електроинженери кои покажаа најдобри резултати на тестирањата на последниот оглас за вработување.

Сите шестмина вработени, како што соопштуваат од МЕПСО, се млади инженери на електроенергетика дипломирани на ФЕИТ и биле стипендисти на трите најголеми енергетски компании. МЕПСО за прв пат вработува стипендисти и ова е дел од новата кадровска политика на менаџментот на МЕПСО.

-Мисија на овој менаџерски тим е да ги отвори вратите на МЕПСО за најдобрите студенти меѓу кои има и стипендисти на МЕПСО или други енергетски компании и да ги вработи доколку ги исполнуваат условите на конкурсот за вработување и имаат солидни резултати на тестирањата и интервјуата, изјави Сашо Василевски, генерален директор на МЕПСО.

Како што посочи, нивна определба е тој пристап да стане пракса во МЕПСО.

-Ги сакаме во нашите редови младите и перспективни инженери, со значаен капацитет и голем потенцијал, а кои се докажани како солидни студенти и се иднина на нашата земја. Со оваа наша определба активно се вклучуваме кон заложбите на Владата, основачот на МЕПСО, во примена на политиките за намалување на одливот на мозоци од земјава, рече Василевски.

Тој им посака успех на новите колеги, а на сите стипендисти и студенти им порача да остваруваат добри резултати и да се надградуваат затоа што, како што рече, за најдобрите секогаш ќе има место во МЕПСО.

-Среќни сме и позитивно изненадени со шансата што ја добиваме. Начелно сме запознаени со работата во МЕПСО затоа што сите овде сме посетувале пракса во студирањето, а дел од нас сме и стипендисти. Ќе го работиме она за кое сме посветиле најмногу време на студии по електроенергетика затоа што основната дејност на МЕПСО е преносот и управувањето со системот. Нашето позитивно искуство е доказ и стимул за сите стипендисти, а мотивација и за сите студенти дека со упорна и посветена работа и истрајност можат да ги остварат своите соништа без да заминат во странство, рече Стефанија Стојановска, стипендистка на МЕПСО, во име на сите петмина нововработени.

МЕПСО од 2012 година, заедно до другите најголеми енергетски компании, стипендира студенти на електроенергетските насоки на двата државни факултети во Скопје и во Битола. Моментно МЕПСО стипендира 17 студенти на двата факултети со месечна стипнедија од 6.000 денари, се наведува во соопштението од МЕПСО.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/12/2018 14:10