Правила за производство и промет со органско вино и специјализирани напитоци на база на вино (ароматизирано вино, ароматизиран пијалак на база на вино, ароматизиран вински коктел), полесни услови за производство на вино во мали винарии и за физички лица производители на вино, како и полесно регистрирање капацитети и производството на вино кое ќе може да се продава од самата винарија, се само некои од измените на Законот за вино што беа разгледани денеска на работен состанок во Министерството за земјоделство.
Состанокот го водеше ресорниот министер Љупчо Николовски, а присуствуваа претставници од лозаро-винарскиот сектор, винарски визби и здруженија на производители на вино, здруженија на лозари и производители на грозје, Националната федерација на фармери и здруженија на физички лица производители на грозје.
Се презентираа и разгледаа предлозите кои се тековно вметнати во текстот на законот за изменување и дополнување на Законот за виното, како и сите поединечни прашања кои дополнително треба да се договорат и вметнат.
Како што соопшти Министерството, со законските измени ќе се овозможи развој на малите семејни винарии што, пак, ќе придонесе за зголемување на туристичкиот потенцијал на познатите лозарски региони во државата и за поголем развој на пазарот на грозје и вино.
Според МЗШВ, со предлог-решенијата, делот за класификација на вина, производство, означување и заштита со географски назив ќе претрпи најголеми промени. Целта е целосно усогласување на овој сегмент со европската регулатива.
Присутните се договорија да се формираат работни групи за поединечни прашања кои ќе бидат обработени со предлог-законот, во кои ќе учествуваат претставници од сите засегнати страни, како и динамика за работа на секоја поединечна работна група. Предвидено е секоја поединечна работна група да биде изготвен
До крајот на јануари 2019 работните групи треба да ги изготват предлозите по што ќе почне официјалната постапка за усвојување на предлог-законот што се очекува во март или април. м