Заклучно со 30.9.2018 година на пазарот на осигурување во Република Македонија активно работат 16 друштва за осигурување, од кои 11 друштва вршат работи на неживотно осигурување, додека 5 осигурување на живот.
Во третиот квартал од 2018 година (3К2018) заклучно со 30.9.2018 година, осигурителната индустрија во Република Македонија бележи умерен раст како во однос на бруто полисираната премија (БПП) и бројот на продадени договори за осигурување, така и во однос на зголемено профитабилно работење на друштвата за осигурување, пораст на капиталот, активата и финансиските вложувања.
Заклучно со 30.9.2018 година на пазарот на осигурување во Република Македонија активно работат 16 друштва за осигурување, од кои 11 друштва вршат работи на неживотно осигурување, додека 5 осигурување на живот. Во 16-те друштва за осигурување вработени се 1.931 лица што преставува пад на вработените лица од 0,46% во однос на минатата година.
Исто така, на пазарот на осигурување работат 35 осигурително брокерски друштва, 11 друштвата за застапување во осигурување и 5 деловни банки кои работат како застапници во осигурување.
Во 3К2018 година е остварена бруто полисирана премија (во понатамошниот текст БПП) во вкупен износ од 7,4 милијарди денари, што претставува пораст од 8,86% во однос на БПП остварена во истиот период во минатата година (3K2017: 6,79 милијарди денари).
Во делот за неживотно осигурување остварена е БПП во износ од 6,3 милијарди денари (3K2017: 5,85 милијарди денари) што претставува зголемување од 7,77% во споредба со 3К2017 година. Додека пак, бројот на склучени договори изнесува 1.137.893, што претставува пораст од 5,39% во споредба со 3К2017 година. Зголемувањето во делот на неживотното осигурување пред сè се должи на порастот на осигурувањето од автомобилска одговорност од 5,62% со БПП од 3,27 милијарди денари (3K2017: 3,1 милијарди денари), здравствено осигурување со значителен пораст од 105,65% со БПП од 111,4 милиони денари (3K2017: 54 милиони денари), каско осигурувањето на моторни возила со зголемување од 4,18% и БПП од 599,38 милиони (3K2017: 575,3 милиони денари) и пораст на патничкото осигурување од 6,95% со БПП 175,1 милиони денари (3K2017: 163,7 милиони денари).
Од друга страна пак, кај осигурувањето на имот се забележува пораст од 15% со БПП од 1,32 милијарди денари (3K2017: 1,13 милијарди денари), при истовремен пораст на бројот на склучени договори од 16%. Одделено по групи на осигурување на имот, кај физичките лица има пораст од 18,08% на бројот на склучени договори, а БПП е зголемена за 35,42%. Бројот на договори кај правните лица бележи зголемување од 10,04%, а БПП е зголемена за 10,83%.
Кај осигурувањето од незгода се забележува пад од 5,72% со БПП од 495 милиони денари (3К2017: 525 милиони денари), при истовремен пораст на бројот на склучени договори од 9,43%.
Во делот на осигурување на живот, продолжува двоцифрената стапка на пораст на БПП и во 3K2018 година и изнесува 15,59%, при што остварената БПП изнесува 1,09 милијарди денари (3K2017: 947,9 милиони денари). Најголемо учество во осигурувањето на живот зазема класичното (традиционално) осигурување со вкупна БПП од 906 милиони денари, со 82,76% од вкупното осигурување на живот и бележи раст од 11,97% во однос на 3K2017.
Најголемо учество во осигурувањето на живот зазема мешаното осигурување со вкупна БПП од 514 милиони денари, што претставува 46,96% од вкупното осигурување на живот, потоа следува мешаното осигурување со тешко болна состојба (ТБС) со вкупна БПП од 133 милиони денари, што претставува 12,13% од вкупното осигурување на живот, потоа следи ризико осигурување со вкупна БПП од 166 милиони денари, што претставува 15,14% од вкупното осигурување на живот, осигурувањето на живот во случај на доживување со 91 милиони денари, што претставува 8,34% од вкупното осигурување на живот и осигурување на живот од смрт (доживотно) со 2 милиони денари односно 0,19% од вкупното осигурување на живот. Дополнителното осигурување во осигурувањето на живот учествува со БПП од 75 милиони денари, што претставува 6,86% од вкупното осигурување на живот и бележи раст од 3,6% во однос на 3K2017.
Во понудата на производи на осигурување на живот сѐ позастапено е осигурувањето на живот кога инвестицискиот ризик е на товар на осигуреникот, меѓународно познато како unit linked осигурување кое во вкупното осигурување на живот учествува со 10,3%. Во 3K2018 година беа склучени 1.735 договори, што претставува 11,63% од вкупниот број на склучени договори за осигурување на живот во периодот, додека пак вкупната БПП во периодот изнесува 112,8 милиони денари, што претставува пораст од 72,21% во однос на истиот период од минатата година (3K2017: 65,53 милиони денари).
Друштвата за осигурување во 3K2018 година исплатиле бруто – износ на штети од 2,73 милијарди денари и во споредба со 3K2017 година бруто исплатените штети бележат пораст од 69,98% (3K2017: 1,68 милијарди денари). Учеството на реосигурувањето во бруто исплатените штети во неживотното осигурување изнесува 13,44% а соосигурувањето учествува со 0,09% во бруто исплатените штети. Во осигурувањето на живот реосигурувањето во бруто исплатените штети изнесува 4,80%.
Во структурата на каналите на продажба кај неживотното осигурување, најголемо учество зазема директната продажба со 56,67%, потоа следи продажбата преку осигурително брокерски друштва со 22,80%, продажбата преку агенти- физички лица со 10,45%, продажба преку друштва за застапување во осигурување со 8,65%, банките со 0,70% и 0,74% преку останати дистрибутивни канали. Додека пак, во структурата на каналите на продажба кај осигурувањето на живот, најголемо учество заземаат осигурително брокерски друштва со 45,43%, потоа следи директната продажба со 17,56%, банките со 17,56%, продажба преку друштва за застапување во осигурување со 11,32% и 8,12% продажба преку агенти- физички лица.
Согласно Законот за супервизија на осигурување, друштвата треба да ја одржуваат вредноста на капиталот барем во висина на потребното ниво на маргината на солвентност. На крајот на 3К2018 година вкупниот капитал на друштвата за осигурување изнесува 6,27 милијарди денари. Маргината на солвентност како главен индикатор за проценка на стабилноста на осигурителниот сектор изнесува 1,49 милијарди денари (кај неживотното осигурување 1,19 милијарди денари, а кај осигурувањето на живот 303 милиони денари), со што капиталот на осигурителниот сектор е 4,2 пати над потребното ниво на маргината на солвентност.
Во периодот 1.1-30.9.2018 година осигурителниот сектор оствари добивка пред оданочување во износ од 409,53 милиони денари. Кај друштвата за неживотно осигурување, 10 друштва остварија добивка во износ од 376,08 милиони денари, а додека пак 1 друштво оствари загуба во износ од 44,97 милиони денари. Кај друштвата за осигурување на живот, друштвата остварија добивка во износ од 78,43 милиони денари, и тоа 4 друштва остварија добивка од 83,90 милиони денари, а 1 друштво прикажа загуба во износ од 5,47 милиони денари.
Вкупните вложувања на друштвата за осигурување, кои произлегуваат од вложувања што ги покриваат техничките резерви, математичката резерва и капиталот, на крајот на 3К2018 година изнесуваат 16,3 милијарди денари, односно претставува пораст од 11,73% (3К2017: 14,6 милијарди денари).
Во делот на заштита на интересите на осигурениците во периодот од 1.1.2018 до 30.9.2018 година, до АСО се поднесени 82 претставки. Најголем дел или 41,46% од претставките се однесуваат во делот на автоодговорност.
Агенција за супервизија на осигурување