Судирот на интереси не е корупција сам по себе, но тој станува корупција кога нема да се пријави и нема да се менаџира, беше речено на денешниот форум на тема „Судирот на интереси во власта – тенката линија до корупција“ што се одржа во Скопје во организација на Транспарентност Македонија, а во соработка со НВО Инфоцентар.

-Не постои држава во светот која успеала во целост да го реши проблемот со корупцијата и судирот на интереси. Државите единствено се разликуваат во пристапот кон решавање на овие состојби, рече министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски.

Едни, како што посочи тој, свесно и системски овозможуваат, па дури и мотивираат корумпирано општество, а други, меѓу кои се вбројува и Македонија по промената на власта, ги користат и унапредуваат можностите, институционални и вонинституционални во справувањето со сите облици на корупцијата и нејзината распространетост.

-Владата е посветена на сеопфатна високоприоритетна акција за елиминирање на корупцијата на сите нивоа и во сите јавни институции, со цел спречување на коруптивните практики, непотизмот, политичкото фаворизирање и конфликти на интереси, рече Поповски и додаде дека за справување со ова најголемо зло потребна е масовна општествена мобилизација.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев меѓу другото посочи дека треба да биде спречено нефункционирањето на економијата, односно под политички чадор да се креираат компании и бизниси што и прават штета на економијата.

-Кога ќе креирате компании специјално за да добијат одредени државни работи се прави двојна штета. Првата штета се прави моментално, бидејќи се спречува конкуренцијата и се попречуваат компаниите што се кадарни да ја добијат и завршат таа работа, а се фаворизираат други компании што се под политички чадор, рече Анѓушев.

Во контекст на тоа додаде дека кога тој политички чадор ќе се тргне компаните што биле политички заштитувани веќе ќе престанат да работат.

– Тоа сега се случува и во нашава држава. Компании што многу интензивно работеа во државните инвестициски циклуси сега повеќе не можат да работат, не затоа што сега некој ги спречува, туку тие не се научени во таква околност да работат. Од друга страна има компании што веројатно можеле да се развијат, не се развиле доволно бидејќи биле нелојална конкуренција, рече Анѓушев.

Експертот Вања Михајлова посочи дека за судир на интереси се смета кога приватниот интерес може да влијае врз службеното лице во непристрасно вршење на неговата функција со што може да го загрози јавниот интерес. Презентирајќи ги новините кои се предвидени со Предлог-законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, кој е во собраниска процедура, Михајлова меѓу другото посочи дека со него се уредува мерките и активностите за спречување на корупцијата, но и мерките и активностите за спречување на судирот на интереси за кои е надлежна Државна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Во предложеното законско решение има новини кои се однесуваат на составот и статусот на Државната комисија за спречување на корупцијата, на надлежностите на ДКСКС и на личниот и институционалниот интегритет. Михајлова рече дека со законот се утврдени и рокови во кои ДКСК треба да одлучи за постоење или непостоење судир на интереси и да го извести лицето кое поднело барање. Претседателот на Стопанската комора на РМ Бранко Азески рече дека не е задоволен од новото законско решение, затоа не гледа напредок за расчистување на овој проблем. -На Балканот клучен проблем е корупцијата. Потребно е Европската Унија да ни помогне да го решиме тоа прашање, затоа што тука сме немоќни, рече Азески и додаде дека потребно е радикално, а не парцијално решение за корупцијата и судирот на интересите. Според Азески, корупцијата е во управните одбори на јавните претпријатија, бидејќи, како што рече, сите одат таму за да бидат поткупени и нивната функција е да креваат рака и да се вртат парите. На форумот учествуваа и претставник од Делегацијата на ЕУ, Фрик Јанмаарт, Ана Јаневска-Делева од Транспарентност Македонија и Билјана Бејкова од НВО Инфоцентар.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/12/2018 14:51