Владата денеска на 112. седница ја разгледа и усвои Информацијата за најавата од ЕУ за воведување конечни заштитни мерки за челични производи.

Го задолжи Секретаријатот за европски прашања, во координација со Министерството за економија, Министерството за надворешни работи, Министерството за финансии, Царинската управа и Кабинетот на вицепремиерот задолжен за економски прашања да го подготви барањето за консултации со ЕК и да го достави до Постојаната мисија на РМ во Женева најдоцна до 27 декември, како и да се организира средба со засегнатите компании од анти-дампинг постапката за челични производи отворена од страна на ЕУ, најдоцна до 20 јануари 2019 година, за усогласување на решенија од воведувањето на заштитните мерки.

На предлог на Министерството за локална самоуправа на денешната седница е усвоена пакет Информација со барање за измена на Одлука за доделување средства за финансирање на проекти за развој на планските региони во 2018 година, за измена на Одлука за доделување средства за финансирање на проекти за развој на селата во 2018 година, измена на Одлука за доделување средства за финансирање на проекти за развој на подрачја со специфични развојни потреби во 2018 година.

Сите овие одлуки имаат за цел да динамизираат реализација на средствата предвидени инфраструктурни проекти и проекти за заштита на животната средина за овие подрачја.

Владата ја донесе Одлуката за донесување на Енергетскиот биланс на Република Македонија за 2019, како индикативен плански документ кој ги утврдува потребите од вкупните количества на енергија, како и видовите енергија во земјава и можностите за нивно обезбедување со производство од домашните капацитети или од увоз.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/12/2018 19:53