Во периодот од јануари до октомври 2018 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристи е зголемен за 13,1 отсто и тоа кај домашните туристи зголемувањето изнесува 14,1 отсто, а кај странските 12,5 проценти. Ова денеска го изјави Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во РМ (АППТ) на прес-конференција во Скопје.

Бројот на ноќевања, како што додаде Јаневски, е исто така зголемен за 14,9 отсто и тоа, кај домашните туристи има зголемување за 14,2 проценти, а кај странските има зголемување за 15,8 отсто.

-Првите десет месеци од 2018 година не посетиле 1.013.431 туристи, со остварени 2.936.514 ноќевања. Во однос на девизниот прилив, првите три квартала за 2018 година споредено со 2017 година има зголемување за 17 отсто со остварени 298,93 милиони американски долари, рече Јаневски.

Јаневски информираше дека за наредната година се очекува учество на рекорден број ко-егзибитори на интернационалните саеми за туризам. Како што наведе, најголем е интересот за регионалните саеми, посебно за саемите во Србија и Бугарија. Јаневски официјално најави дека Македонија ќе биде земја-партнер на саемот во Загреб, Хрватска за 2019 година.

-Гастрономскиот туризам како една од селективните форми на туризмот заслужува внимание бидејќи тоа е една од јаките страни на нашата земја. За таа намена се изработи водич „Вкусовите на Македонија“, во вид на патеписни приказни за гастрономијата, традицијата, фолклорот и културното наследство во нашата земја, информираше Јаневски.

Тој посочи дека водичот содржи локални и регионални традиционални рецепти за одредени јадења од сите осум региони во Македонија.

-Денеска официјално ја промовираме генералната брошура за туризмот во Република Македонија, а тоа е „Македонија- неоткриено туристичко богатство“. Истата содржи информации за туристички продукти во нашата земја кои ја карактеризираат како уникатна и атрактивна туристичка дестинација, рече Јаневски.

За наредната година, како што посочи, планирана е промоција на десет најискачувани врвови во Македонија, обележување на неколку правци на искачување на Бислимска клисура- Куманово и поддршка за развој на локалитет Кукуље, село Нов Истевник- Делчево.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/12/2018 14:02