Во подрачната единица на Министерството за земјоделство во Кочани веќе е завршен приемот и регистрацијата на потврдите за предадена арпа кај овластени откупувачи во регионот, по што утврдената листа ќе биде предадена кај надлежните служби што понатаму ќе постапуваат за исплата на субвенциите.

-Ние целосно го испочитувавме рокот за прием на барањата од земјоделците што траеше од 1 октомври до 25 декември, а документацијата е веќе евидентирана и обработена. Иако дел од оризопроизводителите и во текот на денешниот ден носеа потврди од откупните центри, за жал ќе останат без очекуваната финансиска поддршка од државата затоа што го пропуштија законскиот термин, иако ние навреме информиравме за тоа, истакна Горан Миладинов, раководител на подрачната единица за земјоделство во Кочани.

Дополнително треба да се утврди колкави количини арпа се предадени кај откупувачите, но проценка е оти тие се движат околу педесет отсто од овогодишната реколта што изнесува околу 15 илјади тони.

Министерството за земјоделство годинава интервентно ја донесе мерката за дополнителна финансиска поддршка за предадени количини арпа, бидејќи земјоделците претпреа значителни загуби поради нарушениот баланс помеѓу понудата и побарувачката и многу ниската откупна цена што во просек изнесува 16 денари за килограм.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/12/2018 17:54