Денеска почна кампањата за информирање и едукација за ИПАРД-фондовите, со првата работилница на тема „Користење на средства од Инструментот за претпристапна помош на Европската Унија за рурален развој – ИПАРД 2014 – 2020“.

Во рамки на работилницата министерот за земјоделство шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, и директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски, го најавија новиот јавен повик за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој објавен денеска.

Се работи за мерката Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства од ИПАРД 2-програмата која овозможува неповратна финансиска поддршка во износ од 60 до 70 отсто од вредноста на вкупно прифатливите трошоци на инвестициите.

„Овој повик овозможува за земјоделските стопанства широк спектар на инвестции во примарното земјоделско и сточарско производство, вклучително и инфраструктурни зафати. ИПАРД-програмите се од исклучителна важност за развојот на македонското земјоделство и вклучуваат мерки што директно им помагаат на нашите земјоделци. Затоа, со предлог-буџетот за 2019 година го зголемивме националното кофинансирање за ИПАРД од 60 милиони денари за 151 милиони денари“, изјави министерот Николовски.

Од ресорното министерство појаснуваат дека од средствата кои ќе бидат кофинансирани, 75 отсто ќе бидат обезбедени од ИПАРД-програмата, а 25 отсто од средствата од буџетот. Вкупната финансиска поддршка за овој јавен повик е близу 12 милиони евра. Крајниот рок за поднесување на барањата е 9 февруари 2019 година.

„Со оваа мерка ќе може да се градат или реконструираат објекти за добиточна храна, складишта за храна, оранжерии, капацитети за ладење – калибирање и пакување на земјоделски производи. Исто така може да се набавуваат и машини и опрема за земјоделство, системи капка по капка, но,не и трактори затоа што буџетот за оваа намена е искористен со претходниот повик. Вкупната финансиска поддршка во рамките на овој јавен повик изнесува 11 милиони 883 илјади евра“, рече Бабовски.

Користењето на средствата од ИПАРД за Македонија ќе обезбеди достигнување на стандардите на Европската Унија кои се однесуваат на квалитет и безбедност на храна, јавно здравје, заштитата на животната средина, заштита при работа, здравје и заштита на растенијата и на животните, благосостојба на животните, како и поддршка за одржливо управување со природните ресурси и подобрување на условите за живот во руралните средини и руралната економија во целост.

Денешната работилница беше првата предвидена во едукативната кампања, која ќе трае 18 месеци и во чии рамки ќе се одржат 3 форуми, 6 работилници и 80 инфо-денови.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/12/2018 18:38