Новиот Закон за енергетика и Законот за финансиска поддршка на инвестициите се двете главни новини што ги воведе економскиот сектор на Владата во изминатата 2018 година. Со Законот за енергетика се овозможува целосна либерализација на пазарот од 1 јануари 2019 година, а со Законот за финансиска поддршка на инвестициите се изедначуваат домашните со странските инвеститори и првпат и ним по транспарентни и познати услови им се нуди државна помош, за веќе инвестирани средства во претходната година.
Со донесувањето на новиот Закон за енергетика во мај годинава Македонија целосно ги инкорпорира одредбите од Третиот енергетски пакет, со што ги отстрани пречките што ги имаше во делот на енергетската легислатива поради ненавременото донесување на законот од поранешната власт. Навременото, пак, донесување на подзаконските акти ќе овозможи воведување премиум-тарифи што ќе стимулира изградба на нови фотоволтаични и ветерни електроцентрали. Се очекува во следните две-три години да се изградат обновливи извори на енергија од сите видови со вкупна инсталирана моќ од 350 мегавати.
Со подзаконските акти се воведува можност секое домаќинство да стане и потенцијален производител на електрична енергија и се одредува начинот на кој ќе може тоа да биде компензирано. Се дефинира дека фотоволтаиците и ветерните електроцентрали ќе преминат од фидинг на премиум-тарифи. Главен критериум за добивање премиум-тарифа ќе биде кој ќе побара помала субвенција од државата.
Над 100 милиони евра проекти во енергетиката од приватни инвестиции
Владата најавува дека на почетокот на 2019 година ќе биде распишан тендер за минимум 100 мегавати инсталирани капацитети во фотоволтаици.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев вели дека новиот Закон за енергетика е максимално поддржувачки кон обновливите извори на енергија и додава дека со него се одредува нова категорија, корисник-производител, што значи дека секое домаќинство, мала фирма и буџетски корисник во земјава, покрај потрошувач на електрична енергија, може да стане и производител од фотоволтаици или мали ветерни електроцентрали. – Воведувањето премиум-тарифи во иднина ќе се овозможи градење на сите фотоволтаични и ветерни електроцентрали врз база на пазарна економија исто како што е во светот. Во Македонија има исклучително висока радијација на сончева енергија, а има изградено многу малку фотоволтаици, бидејќи во законот имаше лимит од субвенционирани фидинг-тарифи до 18 мегавати инсталирана моќ, кој е исполнет од многу одамна. Тоа го блокира процесот. Со донесувањето на подзаконските акти практично го деблокираме процесот на градење фотоволтаици и најавуваме дека Владата ќе биде посветена кон интензивно градење електроцентрали од обновливи извори на енергија. Ќе детерминираме државно земјиште на кое ќе овозможиме веќе урбанизирани парцели да бидат пристапни на пазарот за градење фотоволтаици до 200 мегавати инсталирана моќ, што значи сериозен енергетски потенцијал, посочува Анѓушев. На тој начин, додава, со три-четири милиони евра од буџетот би се овозможила изградба на фотоволтаични централи со инсталирана моќност од 200 мегавати. Предвидено е земјава да има и ветерни електроцентрали со инсталирана моќ од 150 до 200 мегавати. Во моментов работи само ветерниот парк Богданци со инсталирана моќ од 36 мегавати, што треба да се догради со уште 15 мегавати, а дадена е дозвола да се изгради приватен ветерен парк во Богословец од 36 мегавати. Веќе се изградени 72 мали хидроелектрани, дваесетина се во фаза на градба, а распишан е тендер за изградба на уште дваесет, со што ќе има околу 120 со вкупна инсталирана моќ од 100 мегавати. Според Анѓушев, има простор за уште 20 до 30 мали хидроцентрали. Буџетска поддршка од државата за инвеститорите во енергетиката во форма на премија Новиот Закон за енергетика е во целост усогласен со директивите за обновливи извори на енергија, порачува министерот за економија Крешник Бектеши и додава дека во Министерството посветено ќе работат за побрзо да се имплементира сè што е предвидено и на тој начин да се зголемат капацитетите на обновливи извори на енергија во Македонија. -На инвеститорите ќе им понудиме транспарентен процес на јавно наддавање за изградба на електроцентрали од обновливи извори на енергија, со користење поддршка од државниот буџет во форма на премија, а за домаќинствата и малите потрошувачи имаме решение со кое тие ќе можат на своите покриви да инсталираат фотонапонски панели за производство на електрична енергија за сопствена потрошувачка, а притоа вишокот ќе го предаваат во електродистрибутивната мрежа, нагласува Бектеши. Тој посочува дека земјава била многу назад кога го презела председавањето со Енергетската заедница (ЕЗ) во 2018 година и додава дека за овој период навремено се завршени сите обврски што ги имала Македонија кон ЕЗ и се затворени сите спорови што се водеа против земјава. -Можам да кажам дека Македонија сега е водич на реформите што се однесуваат на обврските што ги имаме како членка на ЕЗ. Ќе продолжиме да работиме интензивно за да ги исполниме обврските што произлегуваат од усвоените заклучоци на Министерскиот совет и на тој начин да овозможиме подобро енергетско живеење за нашите граѓани и за регионот во целина, рече Бектеши на неодамна одржаниот Министерски совет на ЕЗ во Скопје. Македонија е на добар пат во транспонирање на енергетското законодавство Директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница Јанез Копач вели дека Македонија е на добар пат во транспонирање на енергетското законодавство и потенцира дека она што остана нетранспонирано е делот на енергетска ефикасност на кој се работи во моментов. Според него, усвојувањето на новиот Закон за енергетика, кој е усогласен со Третиот енергетски пакет, е огромен чекор напред што го направи Македонија со кој се овозможува правна рамка за воспоставување на „Ден однапред пазарот на електрична енергија“ и спојување на енергетските пазари. -Пред претседавањето многу години стагниравте и се водеа спорови против Македонија и со нив ништо не се постигна. Сега ги надминавте сите проблеми. Македонија годинава потпиша договор за заеднички пазар со Бугарија и е прва земја од ЕЗ што потпишала договор со земја членка на ЕУ. Верувам дека тоа ќе придонесе за намалување на цената на струјата, рече Копач на Министерскиот совет во Скопје и порача дека досега немало земја претседавач со Министерскиот совет на ЕЗ што како Македонија го искористила претседавањето за реформи во сопствениот енергетски сектор на земјата. Најдоцна до март треба да се избере универзален снабдувач За целосна имплементација на одредбите од Законот за енергетика останува до март 2019 година да се избере универзален снабдувач, кој ќе гарантира снабдување со електрична енергија по регулирана цена на домаќинствата и малите потрошувачи кои нема да се одлучат да излезат на слободниот пазар и да изберат свој снабдувач. На тендерот што заврши неодамна се пријавија ЕВН Македонија и АД ЕЛЕМ. Од двата понудувачи Владата до март треба да избере еден што ќе биде задолжен во следните пет години да гарантира сигурно снабдување на потрошувачите кои нема да излезат на слободниот пазар. -Во согласност со Законот за енергетика граѓаните се заштитени и доколку не се избере универзален снабдувач или процесот се оддолжи, состојбата останува иста и граѓаните ќе бидат тарифни потрошувачи со заштитена цена. Механизмот универзален снабдувач е направен само, и единствено, со цел да се заштити цената на електричната енергија за граѓаните и домашното производство, порачува Анѓушев. Во 2019 година за 37 отсто повеќе средства за поддршка на македонското стопанство Над 250 компании во Македонија годинава добија поддршка преку владиниот План за економски раст во износ од 35 милиони евра. Сите средства се искористени и исплатени на компаниите. Со Законот за финансиска поддршка на инвестициите, пак, во 2018 година ќе бидат поддржани над 100 компании кои веќе потпишаа договор за користење средства од државната помош, а за 2019 година Владата издвои за 37 отсто повеќе средства за поддршка на македонското стопанство или 4,1 милијарди денари. Во 2018 година има поврат на средства за инвестиции во 2017, а во 2019-та за инвестиции во 2018 година. Првите два столба од Планот за економски раст во согласност со Законот за финансиска поддршка на инвестициите се реализираат преку Владата и се наменети за големите компании, а преку Фондот за иновации и технолошки развој се реализира третиот столб од мерките на Владата, кој е наменет за микро, мали и средни претпријатија. Со тоа првпат еднакво се поддржуваат домашните и странските инвеститори. Вицепремиерот за економски прашања порачува дека Владата го донесе Законот за финансиска поддршка на инвестициите за поттикнување на инвестициските активности во земјата, и оти претставува транспарентна програма за поддршка на стопанството, со јасни критериуми и услови, еднакви за сите инвеститори. -Инвеститорите сега не мора да преговараат со членови на Владата или други лица за да добијат поддршка од државата. Доколку ги задоволуваат критериумите и условите пропишани во Законот, тие може да очекуваат поддршка од Владата за поврат на дел од направените инвестиции. Инвеститорите, исто така, имаат можност да ги реализираат своите проекти во технолошко-индустриските развојни зони, каде што во првите десет години може да очекуваат ослободување од персоналниот данок и данокот на добивка, како и поддршка од Владата доколку се оствари соработка со домашните компании. Странските инвестиции се значајни, тие влијаат врз статистичките економски показатели, но доколку не соработуваат со домашните компании, реалниот ефект е навистина мал, посочува Анѓушев. Министерката без ресор задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска, пак, потенцира дека преку Законот за финансисика поддршка на инвестициите државата на транспарентен начин, во согласност со јасни критериуми и без преговарања, со директна финансиска поддршка ги мотивира претприемачите да влегуваат во нови инвестициски проекти. -Во рамки на овој сет мерки, компаниите кои ќе одлучат да инвестираат во Македонија може да очекуваат финансиска поддршка за креирање нови и добро платени работни места, за воспоставување деловна соработка помеѓу домашните и странските компании, воведување нови технологии и знаење во производните процеси, отворање центри за развој на технологии, како и за поттикнување на конкурентноста и освојување нови пазари, прецизира Апостолска. Фондот за иновации и технолошки развој во рамки од вториот инвестициски бран од третиот столб пред неколку дена распредели грантови за 65 компании со вкупна вредност од над 800 милиони денари, односно 13 милиони евра. -Во рамки на третиот столб на Планот за економски раст за 2018 година реализиран е вкупен обем на инвестициски проекти во економијата од повеќе од две милијарди денари. Радува фактот што водечки е ИТ-секторот, меѓутоа во рамки на вториот бран има проекти од 16 различни индустрии, меѓу кои енергетиката, машинството, земјоделството и од сите делови на Македонија. Ова се проекти што ќе ангажираат 385 лица, од кои 85 се нови вработувања и ќе се исплаќаат плати што се над просекот на државата, вели директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски. Според него, бројките покажуваат дека се придвижува македонската економија, а компаниите се подготвени да вложат и свои средства во иновации и технолошки развој. Валентин Јанковски