Сите заинтересирани за купување земјоделско земјиште во државна сопственост под оранжерии и помошни објекти во функција на оранжериите може да достават понуди на отворениот повик од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство до 25-ти овој месец.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информира дека ова е втор јавен повик за интерес за купување земјоделско земјиште во државна сопственост под оранжерии, а право на учество на јавниот повик имаат физички лица и правни лица кои во катастарот на недвижности се запишани како сопственици на оранжеријата и помошните објекти што се во функција на оранжеријата, односно на објектите во стопанскиот двор.

Со овој јавен повик сопствениците на оранжерии ќе имаат можност да го купат земјиштето на кое што се наоѓа оранжеријата, а кое што во моментов е во државна сопственост. Со стекнувањето на имотни листови, сопствениците на оранжерии ќе имаат можност за нови инвестиции во објектите, за подигнување кредити за реновирање и модернизација на објектите, но и ќе остварат право за аплицирање за мерките од европската ИПАРД програма. Можноста што им се отвора за нови инвестиции крајно ќе влијае врз обемот и квалитетот на производството.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство укажува сите заинтересирани да достават комплетна документација и да го запазат рокот за доставување, со цел побрзо да се склучат договорите.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/01/2019 14:05